48 годишниот Борче Костов му е познат на секој љубител на мотокросот во Македонија, неуморниот битолчанец над бројот 5 на својот дрес го носи надимакот „Жолт“ иако сите го знаат како Жолтио.

Тој со мотокросот започна да се дружи пред само 5 години, но стана миленик на публиката заради харизмата која ја носи со себе, а колегите кросисти го знаат како голем човек. Јак, не затоа што ги покажува мускулите по секоја победа, туку заради духот и позитивната енергија која ја шири несебично. Секогаш е тука да помогне кога некој ќе го побара тоа од него,  знае да се шегува и на своја сметка, едноставно е човек за кој не може да се слушне лош збор. Токму затоа Жолтио е следниот соговорник на Мотори.ком.мк

33634 479272775329 5135316 n

Како се роди љубовта кон мотокрос трките?
- Гледајќи го Кико (Христијан Илиоски н.з.) на патеките во Битола како тренира, а потоа како вози и на трките едноставно посакав и јас да возам крос. Така се случи првата љубов, Suzuki DR 350, ендуро мотор со кој ја возев и првата трка во МХ3 класата во која го освоив третото место. Потоа увидов дека тој мотор е тежок, не е конкурентен и затоа го сменив, всушност сменив неколку, на подобро се разбира, па евидентни беа и резултатите.

Кои се твоите најголеми успеси?
- Крос возам 5 години, од нив три години сум шампион во класата МХ3, а еднаш бев втор. Оваа година возев трка и од Источно Европскиот шампионат на патеката Глобаре во Србија каде завршив на шестата позиција. Во 2011 настапив на Ендуро трката Куп на нации, каде во класата Е3 го освоив третото место.

Каква е состојбата со финансиите, спонзори има ли?
- Спонзори нема, возењето мотокрос воопшто не е исплатливо кај нас, но знаете како е, кога ќе влезе бензинот во крвта, и заем се зема само за да се вози. Сепак сакам да им се заблагодарам на боди билдинг клубо „Титан“ кој ми овозможи бесплатно да тренирам уште во првата сезона, и благодарение на тоа да ја подобрам физичката подготвеност. Секако тука е и мото клубот „ЛТД Спорт“ кој ми помага, како и претпоставените во организацијата во која работам, ЈЗУ Здравствен дом - Битола кои ми излегуваат во пресрет пред секоја трка и имаат разбирање за мене. Освен ова финансиите се проблем. Сите ние се самофинансираме, немаме поддршка од државата иако постигнуваме огромни резултати. Имаме Мото Федерација, Агенција за млади и спорт, но за жал никој нема слух за нас. Оваа година ја искачивме Македонија на третото место во Источно Европскиот шампионат, а скоро никој и да не знае за тоа. Замислете да беше тоа успех во фудбал, ракомет или кошарка, ќе не прогласеа за Народни Херои. 

Како твоето семејство ги прифаќа трките?
- „Мојата фамилија се радува на моите успеси, но понекогаш има и недоразбирања кога станува збор за финансиите. Трошоците се големи само за сервис на моторот, а плус за секоја трка се потребни четири гуми (две за суво, две за кал) што во превод е околу 250 евра. Да не зборувам за ланец, запчаници, клип, масло за моторот... отприлика цехот доаѓа до 500 евра, е тука е кавгата“ - вели Борче со смеење.

Каков е планот за следната сезона?
- Во 2014 сакам да ги возам сите трки од Источно Европскиот шампионат, а секако и трките од домашното првенство. Во Македонија ќе ги возам трките од мотокрос и ендуро шампионатите, но се надевам дека ќе најдам спонзор односно било каква помош. Дали ќе биде тоа финансиска помош, или пак масло, гуми, било што, само да можам да си дозволам да ги возам трките. Иако да бидам искрен не верувам дека ќе се случи тоа, луѓето до сега само се сликаат со мене, ме тапкаат по рамо со зборовите -Ќе биде, и на тоа останува, до следното сликање. 

На подолг рок, до кога планираш да возиш?
- Ќе возам дури можам да го држам моторот. Уште 20 години сигурно, нека се плаши конкуренцијата (вели на смеа Борче). Тренирам постојано, во форма сум, не планирам да се откажам наскоро. Еве и во зима тренираме, возам постојано со моторот, кај нас кога не е убаво времето одам и до Грција, таму има одлични стази.

Кој е твојот омилен мотор, што би возел кога би можел да бираш?
- Да имам финансии за нов мотор без размислување би купил Honda CRF250 2014, со додатна опрема секако, ауспух, амортизери, и резултатите веднаш ќе бидат видливи.

Омилен крос тркач?
- Идол на сите кросисти во Македонија, а посебно мене и на битолчани ни е Христијан Илиоски - Кико. Како што кажав јас и почнав да возам крос гледајќи го Кико.

Кои се твоите најголеми ривали во домашното првенство?
- Во МХ3 има доста добри возачи, ривали на патеката ми се Мирче Ќорнаков, Јован Стојков - Јофтиќ, Никола Тодоров - Мајорот и Арбен Имери - Жути. Секако има и други возачи кои се квалитетни и добри, но овие се подобрите и со нив имаме интересни трки.

Од младите возачи во Македонија кои би ги издвоил?
- Имаме многу добри млади возачи, тука е Христијан Станкович и браќата Адријан и Лука Ристевски кои имаат успеси и надвор од Македонија, на Источно Европскиот шампионат во мотокрос. Би ги издвоил и браќата Денко и Андреј Манчевски од Прилеп, како и нивниот сограѓанин Александар Костадиновски.

На Жолтио сакаме да му се заблагодариме за интервјуто, и да му посакаме многу среќа и успех во настапите на Источно Европскиот шампионат следната сезона, како и нова титула во домашното првенство.

Back To Top