(Време на читање: 3 - 6 минути)


TET (Trans euro Trail) e создаден од моторџии за моторџии, (не за квадџии и сл.) и претставува најкомплетната мрежа на легални оф-роуд патеки во Европа, и со години е магнет за авантуристи кои сакаат да го почувствуваат духот на вистинското адвенчр-возење.

20250910 132404

TET е огромна, жива мрежа од над 100.000 километри легални оф-роуд и макадамски патеки низ повеќе од 30 држави, создадена и одржувана од заедница на ентузијасти кои ја делат истата страст кон авантурата. Еден таков ентузијаст, одговорен за ТЕТ секцијата во Македонија е Ристе Трнинков. Ристе е дел од ТЕТ од 2019 година, а ја стави Македонија на ТЕТ мапата во 2021 година.   

Тој ни помогна да го напишеме првиот текст за ТЕТ обајвен на motori.com.mk и кога тргна да ни одговара на прашањата, сфативме дека одговорите заслужуваат посебно интервју. Еве го во целост: 

Која е улогата на ТЕТ linesman?

Linesman е претставник на TET (Trans Euro Trail) во својата земја – некој што ја претставува организацијата, помага во координацијата и се грижи за патеката. Тој или таа (да, имаме претставнички и од понежниот пол) е главната контакт точка за TET во државата.

Главната задача на Linesman е да биде „чувар“ на TET патеката во својата земја. Тој/таа собира предлози и информации од локални и странски возачи, како и од локалните заедници низ кои поминува патеката.

IMG 5b7ac5ccffc80cded19191d074d015ca V

Со добро познавање на локалните закони за користење на патеки и со соработка со други луѓе кога е потребно, Linesman ги анализира овие информации и ја креира, подобрува и ажурира TET патеката во својата земја. Потоа новите верзии ги испраќа до Trans Euro Trail Community Interest Company, која ги објавува официјално.

Сите Linesmen се волонтери, без формален договор, и ја извршуваат оваа улога онолку долго колку што им одговара.

Колкава обврска за тебе е тоа во текот на годината?

Па ова може многу да варира и најмногу зависи од мене – од тоа колку време можам да посветам, од потребите на TET во нашава земја и од моите други обврски.

Понекогаш работата може да значи почесто прегледување, проширување и подобрување на GPX патеката, поврзување со локални возачи кои можат да помогнат со информации за одредени делници (а кои ги има во многу мал број, па еве еден апел за кој сака да се приклучи и да даде придонес - може слободно да ме контактира), организирање локални средби или комуникација со локални институции.

3983a154 202c 424b 98f3 316c2d46ebec

Во други периоди улогата е повеќе набљудувачка – реагирам кога ќе се појави проблем на патеката или кога ќе добијам информација дека нешто не е во ред од возачи или од локални жители.

Нема строго дефинирани обврски освен тоа што е опишано – најважно е да бидам достапен за возачите и локалните заедници и да се грижам за одржување и ажурирање на TET GPX патеката.

На крајот на краиштата, ова е хоби и волонтерска улога. Во реалноста, улогата на Linesman е токму онолку голема колку што самиот ќе одлучам да ја направам. Не е моја задача сам да ја возам, да го проверувам и планирам секој километар од TET патеката (имаме удел со над 2300км, што е многу за една мала земја). Напротив – идејата на TET е да биде од заедницата, за заедницата.

Како Linesman за Македонија, мојата улога е пред сè да бидам главната контакт точка за TET во државата – некој што ги поврзува луѓето, информациите и патеката.

Од каде најчесто доаѓаат моторџии, да го возат ТЕТ МК?

Тешко е да се каже точно, бидејќи возачи доаѓаат буквално од цела Европа. Сепак, ако треба да издвојам, најчесто интересот доаѓа од некои од поразвиените европски земји кои се и релативно блиску до нас – како Полска, Словачка, Чешка, Романија и Италија. Потоа следуваат и возачи од Германија, Франција, а сме имале TET моторџии и од Англија.

17683c85 66d2 4146 b16d b23e1c19f46e

Интересно е што имало луѓе кои се интересирале и поставувале прашања за TET Македонија дури и од Австралија.

Една од причините за ова е што во многу развиени европски земји сè повеќе се воведуваат ограничувања или целосни забрани за off-road возење. Токму затоа Балканот, вклучително и Македонија, за многу љубители на авантуристичко возење претставува вистински „златен рудник“ за off-road авантури.

Сподели некоја интересна случка или приказна на некој возач кој поминал на ТЕТ МК

Искрено, мене ми се интересни сите поминувања и сите приказни што ги носат луѓето кои ќе поминат низ Македонија. Секој возач доживува нешто свое и различно, и токму тие моменти ја прават целата приказна посебна.

Често дознавам за нивните искуства преку видеата што ги објавуваат на Facebook, YouTube и другите социјални мрежи, кои ги има сè повеќе и повеќе. Колку што ми дозволува времето, со некои од нив сум се сретнал и сум возел заедно на одредени делници од нашата патека.

Она што мене најмногу ме исполнува се насмевките на нивните лица – задоволството и уживањето додека возат кај нас. Особено е убаво да се види нивната реакција кога ќе застанеме на некое повисоко место со прекрасен поглед и ќе останат без зборови пред пејзажите. Исто така, секогаш е интересно да се види нивниот израз кога првпат ќе вкусат нешто традиционално македонско во некоја локална кафеана или ресторан.

Секако, имало и ситуации кои биле малку понепријатни – возачи со механички проблеми, дотраeни гуми или неочекувани дефекти на моторите. Понекогаш им требало и неколку дена да останат на едно место додека се организира помош или поправка. Но и тоа е дел од авантурата, и на крајот сите си заминуваат со насмевка и убави спомени.

IMG f31293d6d57271ef52af6bf30db75540 V

Имало и светски патници, луѓе кои го обиколуваат светот со мотор и кои одлучиле токму нашата TET патека да биде дел од нивната авантура. Од нив сум особено фасциниран – од нивната храброст, љубопитност и ширината на размислување.

Една приказна која особено ми остана во сеќавање е од еден возач од Англија. Тој дојде во Македонија без речиси никакво претходно знаење за земјата – само слушнал од други возачи дека TET Македонија е прекрасна за возење. По вторпат патуваше низ Европа. Првиот пат со велосипед, но сега, малку повозрасен, се одлучил за мотор. Без никакво off-road искуство тргнал на пат и со прилично лабав план се појави тука кај нас. По неколку дена на патеките, постојано повторуваше колку е изненаден од природата, планините, гостопримството на луѓето и од храната. Еден ден, додека седевме во мала планинска кафеана по долг ден возење, ми рече дека не можел ни да замисли дека постои вакво место во Европа. Ми призна дека Македонија му оставила толку силен впечаток што почнал сериозно да размислува еден ден да се пресели овде. Дури ми кажа дека веќе почнал да разгледува можности за купување мало парче земја некаде во планина, каде би можел да доаѓа почесто или дури и да живее.

За мене, токму таквите моменти се најголемата награда – кога некој ќе дојде како гостин, а ќе си замине со одлични впечатоци и желба повторно да се врати.

* Сите фотографии се од личната архива на Ристе

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: