Со почитувањето на сообраќајните правила и прописи, сите придонесуваме за безбеден сообраќај

Денеска (10.02.2021) началникот на Секторот за сообраќај при Одделот за униформирана полиција во Бирото за јавна безбедност Дејан Трајковски и претставници на МВР одржаа работна средба со претставниците на Мотоциклистичката федерација на Македонија, на која се разговараше за новодонесените измени во Законот за безбедност во сообраќајот, а пред претстојната сезона на употреба на мотоциклите која се очекува да почне со подобрувањето на временските услови.

149002976 2900873810242048 320672696877412090 o

Заеднички беше констатирано дека почитувањето на законите може само да придонесе за побезбеден сообраќај и дека затоа сите мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. На состанокот беше презентирана и статистика за бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат мотоциклисти и беше договорено заеднички да се преземат активности за оваа бројка да се намали.

Со последните измени во законот за безбедност на сообраќајот кој веќе е на сила, МВР има надлежност да го одземе мотоциклот доколку се сомнева во неговата техничка исправност. Со новите измени во Член 193 став 2 се вели „Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена.“, што значи дека доколку полицијата се сомнева во исправноста на вашиот мотоцикл истиот можат да го одземат и пратат на дополнителен технички преглед. Бучавоста која се мери при техничкиот преглед не смее да ја надмине вредноста која е впишана на металната плочка на самиот мотоцикл.

Доколку биде констатирана поголема бучавост од дозволената или мотоциклот нема важечка регистрација повеќе од 6 месеци, според став 3 од Член 193 полицијата ќе го одземе мотоциклот во времетраење од 90 дена. Во овој став стои: „Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото од ставот (2) на овој член, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.“

148564130 2900873826908713 1375991745870515120 o

На состанокот беше предочено дека полицијата не атакува на мотоциклистите кои ги почитуваат правилата и прописите и кои носат заштитна опрема, нивните акции ќе бидат насочени кон оние возачи кои го нарушуваат јавниот ред и мир и управуваат со технички неисправни и нерегистрирани мотоцикли.

На состанокот беа дадени и предлози за унапредување на соработката меѓу надлежните служби во МВР и претставниците на мотоциклистите и беше договорено ваквите состаноци да се интензивираат, како и да се организираат заеднички едукативни кампањи со цел намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено оние со потешки последици.

Фото: МВР

Back To Top