Не баш секој ден на тајмлајн ти поминуваат слики од некој што рачно изработува кациги, особено не тука во Скопје, Македонија.
Недан Пановски е уметник, вајар кој се заљубил во работата со карбон. Прво ги видовме кацигите кои ги изработува сам, а потоа разбравме дека прави и други делови. Ова беше повеќе од доволен повод за да му поставиме неколку прашања за неговите дела.
1. Кога започна со изработка на кацигите, и што сè всушност подразбира изработката на една кацига која излегува од твоите раце?
Почнав да се бавам со композитни материјали пред скоро две години. Кога ја изгубив работата што многу ја сакав, сакав пак да работам нешто што сакам, а не само за плата. Изработката на една кацига е сложен макотрпен процес кој бара многу под-занаети.
2. Како изгледаше процесот на учење и колку неуспешни обиди имаше?
Првенствено почнав со правење на композитни радио контролирани модели, па карбонски украсни предмети, па кациги и една маска за мотор. Овој занает е исклучително тежок за учење, посебно бидејќи морав сам да го учам. Имаше, би рекол, повеќе неуспешни обиди отколку успешни. И сега имам доста неуспешни кациги што завршуваат во отпад.
3. Мотивацијата е дизајнот, илустрацијата или...?
Јас сум дипломиран вајар и се бавев со уметност 13 години. Чисто карбонските кациги изгледаа супер, ама си реков да пробам да направам нешто повеќе. Идејата често доаѓа во спиење или рандом ќе ме удри, што се вика. Имав и нарачки, па тогаш почнувам од замислата на муштеријата. Решив да користам златни и сребрени ливчиња, мислам дека многу повеќе одговара со карбонот отколку боја. Тоа испадна потешко од што замислував.
4. Дали црташ/дизајнираш и готови (купени) кациги?
Не цртам готови кациги. Мислам дека тоа е веќе друга струка, иако морав да навлезам и во тој занает бидејќи сите кациги се лакирани и полирани за да бидат заштитени од сонце.
5. Има ли некоја поголема крајна цел или е ова само хоби кое причинува задоволство?
Ако се продаваат редовно (сега за сега тоа не е случај) со задоволство би го работел ова. Би имал повеќе видови кациги, вистинска работилница и дури некој вработен.
6. Каде може да се набават? Колку чини една кацига?
Сè уште немам инстаграм ниту било каква страница специјално за кацигите. Работам на тоа, ама многу е тешко сè сам. Ако некој сака кацига може да ме контактира на месинџер. Нема друг Недан. Кацигите се околу 120 евра, зависи од многу работи. Искрено и со оваа цена тешко ќе опстанам, ама ај да тргне од некаде.