Со одлука на ЈП Државни патишта ќе се пресметува нова категорија за мотоциклите која ќе биде за 40% поевтина од досегашната.

Мотоциклистичката Федерација на Македонија излезе со соопштение во кое се заблагодарува на ЈП Државни патишта за усвојување на нивното барање за намалување на износот на патарините за мотоциклите. Како што знаете до сега мотоциклите спаѓаа во иста категорија како и автомобилите, а Македонија беше единствена земја во која имаше ваков апсурд. Револтирани од тоа повеќето воопшто не плаќаа патарина, одбегнувајќи ја рампата со изговор дека ако можат они нас, можеме и ние нив.

IMG 3569

Јавната тајна дека ние не плаќаме, а тие не се замараат, траеше долго време, но со поставувањето на новите наплатни рампи стана јасно дека одбегнувањето на плаќање на патарините ќе стане вистинска егзибиција. МФМ пред повеќе од една година достави барање до ЈП Државни патишта за регулирање на овој проблем со цел да се реши проблемот како што е секаде во регионот, а заради технички причини позитивниот одговор пристигна дури сега.

Според нашите информации од ЈП Државни патишта износот на патарината за мотоциклите ќе биде за 40% пониска од онаа за автомобилите, односно коефициентот по кој ќе се пресметува е 0.6 во однос на оној за автомобилите со тоа што заокружувањето ќе биде на пет денари. Односно, доколку цената изнесува 23 или 24 денари, со заокружување (средна цена би била 25 денари) ќе се земе пониската вредност од 20 денари, а доколку изнесува 26-27 денари ќе се наплатува 30 денари.

Во пракса тоа ќе изгледа вака:

Патарина Стара цена Нова цена
Куманово - Миладиновци 60 денари 40 денари
Скопје - Петровец 40 денари 20 денари
Петровец - Велес 80 денари 50 денари
Велес - Градско 60 денари 40 денари
Скопје - Миладиновци 40 денари 20 денари
Тетово - Гостивар 30 денари 20 денари
Гостивар - Тетово 30 денари 20 денари
Скопје - Тетово (Гл) 40 денари 20 денари
Тетово - Скопје (Же) 40 денари 20 денари

Во продолжение и целото соопштение од МФМ:

„Мотоциклистичката Федерација на Македонија изјавува јавна благодарност до ЈП Државни патишта за измена на висината за наплата на надоместок за патарина за мотоциклите, при што мотоциклите се во посебна категоризација со помал надоместок Мотоциклистичката федерација на Македонија имаше доставено барање до нашата Влада за измени во наплатата на патарини за мотоцикли по што на наше големо задоволство добивме позитивно решение од страна на ЈП Државни патишта со кое е задоволено нашето барање. Со ваквото решение како држава сме изедначени со поголемиот дел од Европските држави во поглед на третманот на мотоциклите при наплатата за користење на автопатите и ние како Федерација сме среќни што институциите ги препознаваат и имаат разбирање за потребите на мотоциклистите и заедно со нас ги решаваат реалните проблемите со кои се соочуваме.

Воедно ве информираме дека ние како Мотоциклистичка Федерација на Македонија продолжуваме во континуитет да работиме на подобрување на состојбите во мотоциклизмот , особено на полето на безбедноста во сообраќајот и интензивно работиме на доближување па се до целосно имплементирање на Европските норми кога е во прашање мотоциклизмот“, се вели во соопштението.

Back To Top