Оваа Ендуро трка ја одбележа далеку помногубројната публика во однос на претходната трка.

Вчера присуствуваме на уште еден одличен хепенинг на патеката Забел во Општина Старо Нагоричане, во близина на Црквата "Пресвета Богородица" во манастирот "Забел" која е изградена во 1330 година! Има ова парче земја и историја и содржина. 

И додека од некоја биртија се слушаат хорор звуците на гротескната мелодија Васко Жабата, и се слуша општо џавкање дека ништо интересно не се случува и дека е досадно, потребен е само мал напор за да се излезе од ужегнатата атмосфера и да се погледне надвор, каде што нештата навистина се случуваат.

DSC 0111

Воведот е можеби малку мрачен, но навистина помалку збунува и иритира неактивноста на медиумите, а последователно со тоа и на народните маси, за случувањата на оваа наша мала, но значајна мото сцена. Не беше присутен ниту еден медиум (освен нашиот) за да ја прераскаже оваа приказна на публиката и со самото тоа да ја популаризира.

Оваа трка која традиционално се одржува со поддршка на локалната власт има што да понуди во поглед на содржина и кога само малку би се подигнало нивото на организација, целиот настан би добил посериозен карактер. Малку пречи неконтролираното поминување на луѓе пред стратната позиција, и воопшто по целиот локалитет, односно генерално фали малку поголема контрола. За тоа се потребни финансии, и многу волонтери, како што е впрочем и пракса низ целиот свет.

Во продолжение се резултатите од натпреварот, но нам повеќе ни остави впечаток желбата и напорот кој го вложија натпреварувачите за забава беспари. 

Да, нема наплата на карти на овој настан и се што треба да направите е да отидете и да уживате во пријатната “бука” која ја испуштаат моторите на натпреварувачите и да се воодушевувате на умешноста која ја покажуваат додека се борат со моторот возејќи низ тесната и захтевна патека. Дополнително, сувото време им ја отежнуваше работата затоа што брашнастата прашина која е послана по овој предел, не им нудеше никаква тракција па така сопирањето и додавањето на гас беше оставено на талентот и искуството на секој натпреварувач. Ако на тоа ги додадете и тоните иглички кои паѓаат од прекрасните борови, под кои се вози дел од специјалката, тогаш ви е јасно за какви услови се работи. 

DSC 0115

И тоа не е никаков проблем ако публиката која сепак беше присутна таму, не покаже малку поголема поддршка за ентузијазмот со кој настапуваат овие спортисти и ги награди со, малку поревносно бодрење. Јасно ни е на сите дека живееме во малку турбулентни времиња и дека негативното опкружување не мава на кондиција, но животот продолжува понатаму и токму оваа атмосфера мора да ја разбиеме со покажување човечка емоција и оптимизам. Ако не за нас тогаш бар за најмладите на кои ваквиот тип на натпреварувања треба да им покаже дека сепак е возможно да се живее малку поинтересно во Македонија.

Мора да бидете присутни на патеката за да го забележите задоволството во очите на натпреварувачите кога ќе заблежат дека некој со радост и страст ги следи и ги фотографира, затоа што ова натпреварување, иако е дел од официјалното бодување на државно ниво, е сепак заради публика. Неверојанти беа реакцииите на тркачите кога ќе го забележеа објективот на нашиот фотограф (и пријател Миле Станчев), кој чесно се најаде прашина и се печеше на силното сонце додека се обидуваше да го долови секој скок, па онака каскадерски дополнително скокаа уште повисоко и се даваа себеси уште повеќе за добра фотка.

После се ова напишано очекуваме следниот настан да биде задолжителен за сите љубители на трките на 2 тркала без разлика дали сте фанови на асфалтна подлога или земја затоа што на овие момци им е потребна нашата поддршка, а и дружењето со нашата преубава природа може само да ни делува позитивно на сите нас.

Погледни ја целата фото галерија >> ЗАБЕЛ 2022 фотографии

Фото: Миле Станчев

Back To Top