(Време на читање: 3 - 5 минути)


Triumph повторно ги пушти custom мајсторите од целиот свет да ја покажат својата фантазија. За второто издание на Triumph Originals, седум тимови од седум земји добија задача да создадат уникатен Scrambler под заедничката тема „Time Capsule“.

Идејата е едноставна – но резултатите се далеку од тоа. Секој тим требаше да избере период или момент од богатата историја на Triumph Scrambler и да го пренесе во современ custom мотор.

Triumph Originals Header 2025 vy0912

Инспирацијата се движи од пустинските трки и scrambler сцената од шеесеттите и седумдесеттите години, преку супермото културата, па сè до Dakar стилот од осумдесеттите и деведесеттите.

Во Triumph Originals 2026 учествуваат тимови од Италија, Кина, Франција, Канада, САД, Шпанија и Велика Британија, а секој од нив соработува со локална custom работилница.

Dune 400 – мал Scrambler со Dakar дух

Италијанскиот претставник е Dune 400, дело на South Garage Milano, создаден врз основа на Triumph Scrambler 400 XC.

Инспирацијата доаѓа од пустинските rally мотори од осумдесеттите и деведесеттите години, со поголем ветробран, странични заштити во rally стил, високо поставен издув, заштитни цевки и гуми за терен.

И покрај прилично сериозниот изглед, идејата не била да се создаде show-bike, туку мотор кој реално може да се вози и чиј концепт би можел да се повтори и на други Scrambler 400 XC модели.

BVL-VMX-900 – враќање во 1981 година

Кинескиот BVL Garage се одлучи за новиот Scrambler 900 и инспирација од Triumph TR7T Tiger Trail од 1981 година.

Резултатот е BVL-VMX-900, со силно изразен VMX карактер, жолт резервоар со детали од сребрена фолија, огромен преден браник и бела рамка.

Суспензијата и тркалата се изменети за моторот да биде повисок и поспособен надвор од асфалтот, а дел од компонентите се произведени и со современи техники како 3D печатење метал.

Red Dust – француски Scrambler 1200 XE без компромис

Франција настапува со можеби еден од најсериозните мотори во целата конкуренција.

FCR Original го зема Scrambler 1200 XE и го претвори во Red Dust - мотор инспириран од scrambler културата од шеесеттите и седумдесеттите години, но направен да функционира и надвор од изложбен салон.

Французите велат дека ниту една модификација не е направена само за изглед. Секој изменет дел треба да придонесе за ергономијата, управувањето или перформансите на моторот.

Тоа практично значи дека Red Dust е повеќе функционален off-road специјал отколку класичен custom show-bike.

Scrambler претворен во supermoto од 1200 кубици 

Канадскиот Motos Illimitées тргна во сосема друга насока.

Наместо уште еден rally или adventure Scrambler, нивната идеја беше да направат голем современ supermoto.

Моторот користи 17-инчни тркала од Thruxton RS, Moto-Master wave дискови, двоен Zard издув и низа детали инспирирани од Triumph TF 250-E.

Резултатот потсетува на периодот кога големите dual-sport мотори масовно се претвораа во агресивни supermoto машини за асфалт – веројатно и најнеочекуваната трансформација меѓу годинашните учесници.

 JPS0712 aqe4ny

Американски Scrambler инспириран од Pacific Northwest

Американскиот Triumph Columbia River од Портланд создаде мотор кој повеќе се потпира на атмосфера и приказна отколку на радикални механички интервенции.

Проектот, наречен A Tribute to PNW Adventure, е инспириран од Pacific Northwest, американската Forest Service, планинските патишта и културата на патување низ природата.

Целта била да се создаде Scrambler кој не изгледа како музејски експонат, туку како мотор кој сопственикот би го возел секој ден.

MIURA – 25 килограми полесен Scrambler 400 XC

Шпанскиот Tamarit Motorcycles пристапи многу посериозно кон перформансите.

Нивниот MIURA е базиран на Scrambler 400 XC, но тежи само 155 килограми – дури 25 килограми помалку од стандардниот мотор.

Добива WP суспензија, Excel Takasago тркала со димензии 21/18 инчи, Mitas гуми, Brembo/Nissin сопирачки и рачно изработени делови од алуминиум и 3D-печатен карбон.

Инспирацијата доаѓа од Scrambler моделите од седумдесеттите, старите off-road трки и неизбежниот Steve McQueen.

Од сите седум проекти, MIURA можеби најмногу личи на мотор кој Triumph реално би можел да го пушти во ограничена серија.

Британците направија нов мотор што изгледа стар

Домашниот британски тим Stockwell Design тргна со сосема поинаква идеја: како нов Scrambler 900 да изгледа како веќе да има поминато половина живот?

Наместо совршено исполиран custom мотор, британската машина е намерно направена да изгледа како да патувала со години по калливи патишта, земјени патеки и заборавени места.

Инспирацијата повторно се шеесеттите и седумдесеттите години, кога Scrambler моторите биле едноставни, функционални и создадени за возење, а не за стоење во гаража.

Stockwell Design го опишува моторот како машина која не изгледа запуштено, туку правилно и долго користено - како да се вратила дома во Англија по патување околу светот.

Ep328 xlziaj

Кој ќе биде Triumph Original 2026?

Сите седум мотори ќе бидат оценувани од стручно жири, но дел од конечниот резултат ќе го одреди и јавноста преку гласање.

Оценките на жирито и гласовите на публиката ќе се комбинираат, по што ќе биде прогласен победникот и носителот на титулата Triumph Original 2026.

Минатата година, во првото издание на Triumph Originals, темата беше „Icons of British Originality“, а победата ја однесе бразилскиот Gaijin – café racer базиран на Speed Twin 1200.

Годинава Triumph го смени и моделот и концептот. Наместо Bonneville, сите тимови работат со Scrambler платформата, а резултатите покажуваат колку различни мотори можат да произлезат од истата основна идеја.

Од мал Scrambler 400 XC во Dakar стил, преку 155-килограмски off-road специјал, па до Scrambler 1200 претворен во supermoto – Triumph Originals 2026 дефинитивно не е натпревар во кој некој играл на сигурно.

Пријавете се на билтенот за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: