Колку е суеверието застапено кај оние кои се занимаваат со опасни спортови, и дали и вие имате некој посебен ритуал пред секое возење?

rossi rituali

Сите ќе се сеќаваме на ритуалот на големиот Vale кој го изведуваше пред секоја трка. Исправени нозе и допирање на прстите на нозете со дланките, клекнување до моторот, строго од десната страна, и муабетење со моторот, веројатно заблагодарувајќи му се однапред за да ја заврши трката здрав и жив и да му помогне да победи. Потоа секако следи станувањето од мотор пред излез од бокс со задолжителното местење на долната облека, напред па назад.

Уште еден голем спортист, тенисерската легенда Rafael Nadal, има ритуали, но кај него сепак се работи повеќе за медицинска состојба OCD отколку за суеверие.

Сите овие редоследни ритуали се дел од суеверието кои ни вели дека мора да следиме одредени патерни за да продолжиме со успехот, односно да не ја пореметиме рамнотежата во универзумот.

Секако ритуалите сами си ги измислуваме, што ја прави темава многу интересна затоа што секој од нив е уникатен, а често и бизарен.

Некои возачи носат амајлии, сребрени или златни монети, ланчиња со светци, додека други никако не возат сами со спуштени ногарки за совозачот и т.н.

Шесткратниот шампион во WSBK Rea, вели дека порано задолжително јадел сендвич од McDonald’s секоја среда пред трка, затоа што не сакал да ја “урочи” добрата форма во која се наоѓал тогаш. Сега му останал само редоследот на облекувањето на ракавиците и чизмите, и тоа прво лева па да десна, што на крај му останала повеќе како навика. 

И шампионот Kevin Schwantz своевремено си ги носел “среќните” гаќи сè додека на една трка не излетал од патеката, по што брзо се ослободил од суеверието. Единствено му останало правилото на качување на моторот само од левата страна, особено по освојувањето на титулата, затоа што претходно не обрнувал многу внимание дали се качува од десната или левата страна.

И повеќекратниот шампион Marc Marquez има редослед на облекување на заштитната опрема како и качување на моторот. Како што кажува и самиот сето ова е повеќе рутина отколку ритуал.

Кои се вашите ритуали, доколку ги имате и дали суеверието Ви донело среќа или несреќа во некоја ситуација?

Back To Top