Андреа Ианоне повторно ќе се најде во MotoGP падокот, овојпат во поинаква улога и на значително поразлична машина.
Италијанецот, добро познат по прекарот „The Maniac“, ќе настапи во новоформираниот FIM Harley-Davidson Bagger World Cup, шампионат кој се вози како поддршка на дел од MotoGP викендите оваа сезона. Неговиот дебитантски настап ќе биде на патеката Муџело, во рамки на Големата награда на Италија, од 29 до 31 мај, што дава дополнителна симболика на ова враќање.
Нова класа, нов предизвик
Ианоне ќе биде дел од тимот Niti Racing, кој по успешниот старт на сезоната реши да го прошири својот состав и да настапи со три мотоцикли. За поранешниот победник во MotoGP и WorldSBK, ова значи влез во целосно нов свет – тешки, моќни Harley-Davidson „bagger“ мотори, радикално различни од прототипите на кои ја изгради кариерата. Самиот Ианоне отворено признава дека го прифатил проектот токму поради тоа што излегува од зоната на комфор и носи нешто свежо и непредвидливо.
„Овие мотори имаат свој карактер, тоа мора да се почитува, но во исто време можат да се возат до самиот максимум. Во таа смисла, ние сме доста слични и мислам дека затоа овој проект ми легна како кец на десетка.“ - додава Ианоне
Муџело како идеална почетна точка
Фактот што деби настапот ќе го има пред домашна публика му дава дополнителна мотивација. Муџело е патека што Ианоне одлично ја познава, но истовремено претставува сериозен тест за bagger-моторите, кои бараат поинаков пристап во возењето. Италијанецот ќе тргне во трка без претходен тест со мотоциклот, што уште еднаш го потврдува неговиот репутација на возач кој не бега од ризик, читај лудак.
Значење за шампионатот
Долгогодишното искуство и препознатливиот карактер на Ианоне се гледаат како голем плус за новиот шампионат на Harley-Davidson. Неговото присуство носи дополнителна тежина и медиумско внимание, а од организациска гледна точка испраќа порака дека Bagger World Cup има амбиција да стане сериозна и атрактивна платформа во рамки на MotoGP викендите. FIM Harley-Davidson Baggers World Cup се состои од 6 натпреварувачки викенди во кои се возат по две трки. Првите две трки веќе се возеа во рамките на MotoGP викендо во Остин, САД.


Коментари