Се разгорува борбата за титула и по доминацијата на Ducati & Bautista, Rea и Toprak покажуваат дека не се имуни на притисокот.

По долгата летна пауза oд 7 недели, се очекуваше малку порелаксирана атмосфера во последниот тркачки викенд, но по гасење на црвените светла за старт на трка, како да им паѓа мрак на очи на тркачите и влегуваат во некој посебен мод. Се изнагледавме се и сешто во сите 3 трки викендов.

Race 1 

Иако по тренинзите делуваше како да е ова викенд за нови победи на Rea по одличните времиња кои ги постигна во променливи услови, потврдени со освената пол позиција, сепак работите не се развиваа според очекуваното. По стартот на првата трка Toprak успеа да се наметне како лидер на трката, а го следеа двајцата Британци. Redding кој стартуваше од третата позиција беше солиден и ја задржа позицијата, а пред него се најде пол ситерот Rea. Турчинот напред набиваше високо темпо, и токму кога мислевме дека продолжуваме со вообичаените битки, во последната шикана Rea изгуби контрола над моторот и заврши надвор од патеката. Залудни беа обидите да се врати во трка, па дури мораше да се врати и во боксот на брза поправка, по што веќе со огромно заостанување, само им пречеше на останатите учесници кои се бореа за позиција. На крајот остана само еден круг зад победникот, откако некако успеа да го врати и вториот круг заостанување. Ова значеше дека Toprak остана на врвот, но не за долго. Само неколку свиоци подоцна, по обидот за касно сопирање, инаку заштитен знак за Турчинот, не му успеа и заврши во песокта по своја вина. Тоа беше крајот на шансите за висок пласман, но сепак успеа да се врати на патеката пред Rea на 23-тата позиција, и започна да ги “ниже” конкурентите еден по еден. Од врвот на дното на поредокот и назад.

Оваа ситуација му отвори можност на Redding да ја поведе трката, но сепак нема се уште доволно конкурентна машина ( а има ли некој воопшто?) за да му се спротивстави на Bautista. Шпанецот сега без двајцата главни конкуренти полека го обработуваше Британецот, го претекна без многу напор и јурна напред кон уште една победа. Зад овие двајца се одвиваше вистинска битка за место на патеката, но тоа е всушност и битка за второто место во фабричкиот тим на Ducati Aruba.it Racing како партнер на Bautista. Bassani и Rinaldi се претркуваа неколку пати, што всушност и беше единствената возбуда, откако рано се реши битката за победа.

По оваа трка Bautista се чинеше повторно “зацементиран” на врвот со зголемената бодовна разлика. 

 Superpole Race

 Оваа трка беше вообичаена во поглед на случувањата на патеката и борбата за места на подиумот. Првите тројца, веќе добро познати актери, се изменуваа на првите позиции. За разлика од претходните трки, сега и Bautista покажа агресивност и веднаш нападна на првите позиции. Веројатно ослободен заради бодовната разлика, можеше да со дозволи поголем ризик, но ни е преголем, затоа што Toprak успеа да се наметне како најбрз и да победи на крајот. Rea мораше да се задоволи со третото место, а воедно и не смееше да ризикува премногу заради освоените 0 бодови од првата трка. И оваа кратка трка не помина без инцидент кога на 2 круга пред крајот Шпанецот си ја прецени брзината и со десната страна од моторот му ја допре задната гума на Турчинот. Го оштети својот мотор и изгуби време обидувајќи се да го откачи делот од оклопот кој веќе висеше и му пречеше. За кратко му ја препушти позицијата на Rea, но набрзо ја врати.  

Ова некако увертира за тоа што следи и некако ја најави третата (односно официјално втора според бројот на кругови) и најкотроверзна трка во оваа сезона.

Race 2

И оваа трка започна по вообичаениот тек со Toprak, Bautista и Rea напред, а за останатите што ќе остане. 

Овој поредок остана дури цели круг и половина во кои Bautista прилично агресивно го претекна Rea, што веројанто го стави Британецот во подредена позиција и го извади од колосек. Тоа секако не беше неспортско претекнување, туку му даде сигнал на Британецот дека полека ја губи битката за победа. Реакцијата беше преголема агресија од страна на Rea и во следниот десен свиок му влезе на Шпанецот премногу агресивно во линијата на движење со задоцнетото сопирање, по што дојде до контакт со Alvaro што делуваше како буквално да го истурка од патеката и директно во песокта. Очај во боксот на Ducati. Веднаш започнаа обвинувањата дека се работи за намерно исфрлање на главниот конкурент од трката за титула. Тоа секако не беше така, но може да им се прости ако изјавата е резултат на адреналинот, но и можеби е нанесување на дополнителен притисок врз Британецот, кој се чини дека е веќе и премногу самиот си створи притисок. 

Секако резултат на овој инцидент беше доминантна победа на Toprak и казна со долг круг за Rea, кој всушност помина многу лесно затоа што на крајот сепак освои петта позиција. За ваков груб прекршок сепак треба да следи исклучување од трка, затоа што не се мери само тежината на инцидентот туку и последиците од истиот. Не е ни битно дали имало или немало намера. Дополнително ако се докаже намера треба да се казни соодветно. 

Веројанто доволна казна за Британецот е лошиот викенд, но Bautista не мисли така и бара поригорозно судење. A Toprak задоволно славеше и се надева на продолжување на закачките меѓу главните конкуренти. Ние ќе земеме пуканки за следната трка и да уживаме во дуелите!





Back To Top

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.