Марко Меландри и официјално потврди дека по завршување на сезоната ќе ја заврши кариерата.

Кариерата на 36 годишниот Меландри се протегаше три децении и беше исполнета со голем број на добри моменти. Но сепак, резултатите оваа сезона сигурно имаа голема улога во одлуката за повлекување.

Во моментов тој се наоѓа на деветото место во WSBK серијата а оваа година Меландри успеа да освои поени само на трките кои се возеа во Херез и Филип Ајленд. Но освен ова, останатиот дел од трките беа разочарувачки.

„Одлуката да се повлечам беше неверојатно тешка. Веќе некое време мислев на тоа а конечната одлука ја донесов пред трката во Имола“ , изјави Меландри.

„Се уште сум во добра форма но мислам дека сега е вистинскиот момент за да се повлечам. Откако ја донесов одлуката, се ослободив од товарот кој го носев со себе целиот овој период. Сега кога сите знаат дека ова ќе биде моја последна сезона, имам уште поголема мотивација да имам добар настап до крајот на сезоната. Од една страна ќе возам за мене но од друга страна и за тимот и за сите кои веруваа во мене.“

marco melandri grt txt 10 07

„Ова беше тешка сезона но сите работеа напорно да ми помогнат да го исполнам мојот потенцијал. Никогаш не се откажаа од мене а се надевам и дека моето искуство му помогна на тимот.“

„Ќе дадам се од себе за да постигнам добар резултат до крајот на сезоната и на секој круг ќе гледам како да возам на квалификации. Ќе притискам максимално за да му ги донесам на тимот резултатите кои ги заслужува. За мене ова беше фантастично патување и им благодарам на сите кои ги сретнав по пат.“

Со наполнети 15 години, Марко Меландри стана најмладиот возач кој успеал да стигне до Гран При победа (125GP) , рекорд кој траеше десет години. Во неговата втора сезона како професионален возач, за само еден поен не успеа да ја освои титулата.

Преминот во класата од 250cc, се покажа како одличен потег а Меландри во 2002 година успеа да стигне до титулата. Таа сезона победи на девет трки од шампионатот.

Следната сезона премина во MotoGP а најдобриот резултат го постигна во 2005 година кога заврши на второто место веднаш зад Валентино Роси. Победи на последните две трки таа сезона а дури седум пати се искачи на подиумот.

Во 2011 година Меландри премина од MotoGP во WorldSBK и првата сезона ја заврши на втората позиција во генералниот пласман. Следната година, со тимот на BMW заврши на третото место.

Во WorldSBK серијата Меландри 75 пати се искачи на подиумот од кои 22 беа победи. Во моментов, тој е еден од најуспешните возачи во серијата.

На многумина ќе им недостига следната година а се надеваме дека оваа сезона ќе ја заврши со голем успех.

Back To Top