Томас Паже го впиша своето име во книгите со рекорди откако ја извојува својата трета победа во низа на натпреварувањата одржани во Мадрид, како дел од светското првенство Red Bull X-Fighters.

x fighters paze2

Томас Паже го впиша своето име во книгите со рекорди откако ја извојува својата трета победа во низа на натпреварувањата одржани во Мадрид, како дел од светското првенство Red Bull X-Fighters. Пред очите на 23-илјадната публика, „летечкиот Французин“ докажа дека невозможното е возможно, па иако не беше фаворит за победа, триумфираше на најпрестижното натпреварување во светот од мотокрос слободен стил, трета година по ред.

МАДРИД, Шпанија – Никогаш досега во историјата на светското првенство во мотокрос слободен стил ниеден возач не успеал да го освои најпосакуваниот трофеј три пати по ред, но Томас Паже покажа брилијантни перформанси и покрај огромниот притисок и успеа да стигне до уште еден триумф на натпреварувањето во Мадрид, одржано во коридата „Лас Вентас“, каде што пред 13 години се одржа и првата трка од серијата Red Bull X–Fighters. Пред исполнетите трибини на распродадената поранешна арена за борба со бикови, Паже стигна до петтата победа во кариерата во незаборавен дуел во финалето против Ливај Шервуд од Нов Зеланд.

Водечкиот на табелата за 2015 година, Клинтон Мур од Австралија заврши трет, но се уште има предност во генералниот пласман пред Паже, по три одржани натпреварувања од предвидените пет за оваа сезона на светското првенство.

x fighters sp

Игнорирајќи го традиционалното убедување дека никој не би можел да слави три пати по ред на неверојатно конкурентното натпреварување во Мадрид, Паже ја круниса драматичната ноќ со магично возење исполнето со фигури кои ја предизвикуваат гравитацијата, притоа скокајќи и до 15 метри во висина и до 30 метри во должина. Французинот е шампион за 2013 година, а покажа дека не загубил ниту грам од својата магија, дигајќи ја на нозе упатената мадридска публика со низа од тешки фигури, вклучувајќи ги и четирите кои се сметаат за најтечки во ова натпреварување: „Volt“, „Special Flip“, „Alley-Oop Flair “, „Bike Flip“.

- Ова беше луда ноќ, но прави да се чувствувам навистина добро. Навистина бев под стрес за да ја освојам третата победа во низа. Ова место е мојот живот. Сакам да победувам тука и ќе се вратам следната година со нови фигури,- изјави Паже.

Ливај Шервуд даде голем отпор во финалето, трудејќи се да стигне до својата деветта победа во кариерата, која ќе беше втора во Мадрид. Тој стана првиот возач што го порази Клинтон Мур оваа година, во полуфиналниот елиминациски дуел, но не успеа тоа да го повтори во финалето со Паже, иако имаше спектакуларна изведба на фигурата „Transfer Flip Superman“. 

Бранителот на титулата од минатата година Џош Шихан од Австралија, го освои петтото место одкако беше елиминиран во четвртфиналето, бидејќи падна при изведување на неговата најтешка фигура „Double Back Flip“. Локалниот херој, Шпанецот Дани Торес, ја продолжи својата рекордна серија со 22 настап во кариерата во светското првенство Red Bull X-Fighters, но поранешниот двократен победник на настанот во Мадрид овој пат беше елиминиран во првата рунда, што го прави жртва на огромното подобрување на конкуренцијата.

Четвртата станица од календарот на најпрестижното светско првенство во мотокрос слободен стил ќе биде јужно африканската престолнина Преторија на 12 септември, а големото финале ќе се одржи на 30 октомври во Обединетите Арапски Емирати.

Резултати: 1. Томас Паже (Франција), 2. Ливај Шервуд (Нов Зеланд), 3. Клинтон Мур (Австралија), 4. Давид Риналдо (Франција), 5. Џош Шихан (Австралија), 6. Адам Џомс (САД), 7. Така Хигашино (Јапонија), 8. Роб Аделберг (Австралија), 9. Мејкел Мелеро (Шпанија), 10. Хавиер Вилегас (Чиле), 11. Дани Торес (Шпанија), 12. Реми Бизар (Франција).

Табела: 1.Клинтон Мур 200 поени, 2. Томас Паже 180 поени, 3. Ливај Шервуд 160 поени, 4. Давид Риналдо 110 поени, 5. Роб Аделберг 90 поени, 6. Дани Торес 90 поени, 7. Џош Шихан 90 поени, 8. Адам Џонс 70 поени, 9. Реми Бизар 65 поени, 10. Хавиер Вилегас 45 поени, 11. Така Хигашино 30 поени.

Back To Top