Франческо Бањаја заработи две фрактури на десното стапало при тешкиот инцидент на спринт трката во Катар. Ducati ја потврди повредата, а италијанскиот возач ќе биде префрлен во болница во Доха за дополнителни испитувања за тоа дали ќе биде потребна операција.
Лоши вести пристигнуваат од Катар за Франческо „Пеко“ Бањаја. Возачот на Ducati Lenovo Team заработи две фрактури на десното стапало по тешкиот пад во првиот круг од денешната MotoGP спринт трка на патеката Лусаил.
Според медицинското соопштение што го пренесе Ducati, првичните прегледи покажале фрактури на четвртиот и петтиот прст на десното стапало.

Бањаја вечерва ќе биде префрлен во болница во Доха, каде што ќе бидат направени дополнителни испитувања за да се утврди дали повредите бараат хируршка интервенција.
Алдегер го предизвика тешкиот инцидент
Несреќата се случи во последниот свиок од првиот круг, кога Фермин Алдегер, возачот на Gresini Ducati, се обиде да го нападне Педро Акоста. Шпанецот го промаши моментот за сопирање и удри во мотоциклот на Бањаја, предизвикувајќи тежок highside. Италијанецот беше исфрлен во воздух и силно удри на асфалтот.
Поради сериозноста на инцидентот, организаторите веднаш ја прекинаа трката со црвено знаме. Бањаја беше свесен, но медицинските екипи мораа да го изнесат од патеката на носилки. По разгледувањето на инцидентот, стјуардите го прогласија Алдегер за одговорен и му доделија казна од два долги круга, која ја одработи по рестартот на спринтот.
Со две фрактури на десното стапало, Бањаја нема да може да настапи на неделната трка во Катар. Дополнителните прегледи во Доха ќе покажат дали е потребна операција и колку долго ќе трае неговото закрепнување. Засега останува отворено прашањето дали ќе биде подготвен за последните две рунди од сезоната, во Португалија и Валенсија.
Коментари