Уште еден одличен настап за Маркез, катастрофа за Лути и ден на кој добро ќе се сеќаваат двајца дебитанти.

Алекс Маркез имаше уште еден доминантен настап на трката која се возеше во Република Чешка и на крајот заврши со предност од три секунди пред најблиските ривали. Дебитантот, Фабио Ди Џианантонио заврши на второто место додека пак Енеа Бастианини успеа да дојде до третата позиција. Ова е прво искачување на подиумот за двајцата возачи во средната класа.

Сем Ловс имаше одличен старт и успеа да дојде до лидерското место. Маркез беше втор а веднаш зад него се најде Лоренцо Балдасари. Но веќе во третиот свиок, возачот со број 73 се најде на лидерската позиција.Дали некој ќе успее да го стигне?

Ди Џианантонио се обиде. Тој беше на третото место и веќе го бркаше Ловс кој беше пред него. Во вториот круг успеа да го претекне и потоа се впушти во потера по Маркез. Првично, Италијанецот беше три десетинки побрз но Маркез притисна повеќе и успеа да ја задржи разликата меѓу двајцата возачи. Во тој момент се случи и несреќата на Лути кој во свиокот број пет излета надвор од патеката.

Марсел Шротер беше на третото место, а зад него беа Лука Марини и Николо Булега. Хорхе Наваро беше шести, а веднаш зад него се најде Бред Биндер.

 DSC5044

Ловс и Матиа Пасини излетаа надвор од патеката, а Наваро го претекна Булега во борбата за четвртото место.  Потоа успеа да ги претекне и Шротер и Марини и се чинеше дека Speed Up за прв пат по 2010 година ќе имаат двајца возачи на подиумот.

Сепак Бастианини не се откажуваше. Најпрво успеа да го претекне Шротер, а на два круга до крајот опасно му се приближи на Наваро. Алекс Маркез успеа да стигне до уште една победа а ова за неговиот тим беше стото искачивање на подиумот во Moto2  серијата. Фабио Ди Џианантонио, за кого ова беше прво искачување на подиумот, заврши на втората позиција а до крајот на трката остана уште борбата за третото место. Во свиокот број 10, Бастианини успеа да го претекне Наваро.

На крајот Шпанецот заврши на четвртото место а зад него беше Марини. Шротер ја освои шестата позиција. Николо Булега продолжи со успешниот настап и ова за него беше најдобар резултат во Moto2 шампионатот. На осмото место беше Аугусто Фернандез кој сега има ист број на бодови како и Наваро, а двајцата возачи го делат третото место во генералниот пласман. Тецута Нагашима имаше добра трка и успеа од седумнаесетото место да дојде до деветата позиција на крајот на трката. Икер Лекуона ја комплетираше листата на најдобрите десет возачи.

Балдасари беше единаесети, а Биндер не ја заврши трката. Дванаесетото место на Марко Безеки беше негов најдобар резултат оваа сезона а веднаш зад него се најде Хорхе Мартин. Андреа Локатели и Сомкиат Чантра ги освоија последните две места кои носат бодови.

Маркез сега заминува на трката во Австрија со предност од 33 поени, но до крајот на сезоната има уште многу да се вози.

Алекс Маркез: „Многу сум среќен. Ова беше одлична трка и уживав додека возев. Трката беше долга бидејќи не е лесно да се биде напред од самиот старт па се до крајот. Но имав јасна престава што сакам да направам. Морав да притиснам повеќе бидејќи опасно ми се приближуваа останатите возачи. Сакав да направам поголема разлика и успеав во тоа. Му благодарам на тимот но мораме да продолжиме да работиме напорно бидеји има уште многу до крајот на сезоната.“

Back To Top