BMW Motorrad World Endurance Team е нов светски шампион во FIM Endurance World Championship, откако на спектакуларен начин ја заврши сезоната со победа на легендарната 24-часовна трка Bol d’Or на патеката Paul Ricard во Франција.
Михаел ван дер Марк, Маркус Рајтербергер и Стивен Одендал со BMW M 1000 RR #37 доминираа во финалето на сезоната и на BMW му ја донесоа првата светска титула во endurance шампионатот.
Со тоа BMW стана и првиот европски производител кој ја освоил светската титула во FIM EWC.
Германскиот производител во Франција имаше практично совршен викенд. Ван дер Марк беше најбрз во квалификациите, а во комбинација со времето на Рајтербергер екипата ја освои пол-позицијата и дополнителните пет поени.
BMW беше лидер и по осум и по 16 часа од трката, со што освои уште десет поени, а победата на крајот донесе дополнителни 40.
По 24 часа возење, Рајтербергер ја мина целта како победник, додека главниот конкурент во борбата за титулата, YART Yamaha, заврши на третото место. На крајот, BMW ја освои светската титула со само четири поени предност.
Успехот е уште позначаен ако се знае како заврши минатогодишното издание на Bol d’Or. BMW тогаш беше на чекор од светската титула, но технички дефект на помалку од половина час пред крајот ги урна сите надежи на тимот.
Оваа сезона започна со проблеми на 24 Heures Motos во Ле Ман, каде што BMW долго време беше во водство, по што следуваше победата на 8 Hours of Spa-Francorchamps и третото место на Suzuka 8 Hours – првиот подиум за европски производител на јапонската endurance класика.
Одличен Bol d’Or и за Мартин Вугринец
Покрај историскиот успех на BMW, одличен настап на Bol d’Or имаше и Мартин Вугринец, кој настапуваше за MACO Racing Team.
Хрватскиот возач заедно со Давид Чека и Оливер Кениг ја донесе Yamaha YZF-R1 со број 14 до одличното осмо место во генералниот пласман по цели 24 часа тркање.
MACO Racing воедно беше шестопласиран тим во EWC класата, завршувајќи 28 круга зад победничкиот BMW по едно цело деноноќие на патеката Paul Ricard.
Резултатот е уште повреден ако се земе предвид дека викендот за Вугринец не започна воопшто лесно. За време на слободните тренинзи тој имаше исклучително опасен момент кога при брзина од речиси 300 km/h остана со целосно издишана гума. За среќа, успеа да ја задржи контролата и да продолжи со настапот.
Следуваа добри квалификации, тешки ноќни стинтови и 24 часа во кои MACO Racing без поголеми проблеми постепено напредуваше низ поредокот, за на крајот да влезе меѓу најдобрите десет екипи на една од најтешките мотоциклистички трки во светот.
Вугринец и MACO Racing со овој резултат заокружија исклучително успешен викенд на Paul Ricard.
Балканот сè почесто на најголемите endurance трки
Успешниот настап на Вугринец доаѓа само една година по еден историски момент и за македонскиот мотоциклизам.
Во 2025 година за првпат двајца македонски мотоциклисти настапија на една 24-часовна endurance трка, на легендарните 24 часа Ле Ман.
Тоа беше огромен чекор за македонскиот мотоциклизам и доказ дека возачи од нашиот регион сè почесто успеваат да стигнат до стартната решетка на најголемите светски endurance натпреварувања.

Од Ле Ман до Bol d’Or, 24-часовните трки остануваат еден од најтешките тестови и за човекот и за машината – трки во кои чистата брзина е само еден дел од приказната, а подеднакво важни се издржливоста, стратегијата, работата на механичарите и способноста целиот тим да функционира без грешка цело едно деноноќие.
За BMW, Bol d’Or 2026 ќе остане запаметен како трката на која конечно ја освои светската титула. За Мартин Вугринец и MACO Racing – како трка завршена меѓу најдобрите осум во светот.




Коментари