Леле луѓе, што направивме!
Во свет каде што мото трката бара срце посилно од мотор, ум поцврст од шасија и душа што не се откажува, Македонија конечно го запиша своето име на една од најтешките и најлегендарни трки на планетата – Ле Ман 24 часа.
Овој викенд, нашите херои Синиша Кочоски и Христијан Бузалковски испишаа историја! Во деби настапот на Uniserv Moto82 Team на Светскиот шампионат во издржливост (EWC), тие не само што учествуваа, туку и успешно ја завршија трката – после 24 часа возење, 5 падови и едно останување без бензин!
Во конкуренција на 53 тима од целиот свет, финишираа на 37-та позиција, додека во нивната класа SST, го освоија 23-тото место. Но ова не е само бројка – ова е симбол на истрајност, храброст и страст што нема граници.
Трката ги стави и луѓето и машините на најтешкиот тест, а нашите момци – со срце како планина – издржаа сè.

Ова не е само спорт. Ова е симбол.
На сила. На сон. На нација која гази напред и кога патеката е мрачна и влажна, кога очите горaт од умор, а телото вели „не можеш повеќе“.
Тие рекоа – можеме!
Настапот на Ле Ман е сон за секој моторџија. Но за мали нации како нашата, тоа е речиси недостижен подвиг. Затоа ова не е само нивна победа – ова е победа на сите нас.

Ако некому сè уште не му е јасно колку е голем овој подвиг, еве ја листата на сите балкански возачи кои од 1978 година наваму настапиле на Ле Ман:
- Македонија: Синиша Кочоски, Христијан Бузалковски
- Бугарија: Мартин Чој
- Србија: Куле Перишич, Жељко Станишич
- Босна и Херцеговина: Бобан Лазич
- Хрватска: Мартин Вугринец
Толку.
Сега, Македонија е дел од оваа славна историја.
А ова е само почеток.
Капа доле момци – покажавте дека со срце, работа и страст – и невозможното станува реалност.


Коментари