Ако Вињалес го победи Маркез на оваа патека, тогаш може да го победи секаде. Но дали возачот на Honda ќе возврати?

Откако имаше одличен старт на сезоната кој резултираше со победи во Катар и Аргентина, возачот на Yamaha, Маверик Вињалес, го очекува вистински тест на патеката во Остин.

Доколку постигне победа овој викенд, таа не само што би била 500-та за Yamaha на Гран При трките, туку и ќе ја прекине низата победи на актуелниот шампион Марк Маркез на оваа патека.

vinales pobednik 01

Откако патеката за прв пат беше додадена на календарот во 2013 година, Маркез успеваше да победи на секоја трка досега. Но возачот на Honda не е во најдобра форма и многумина сметаат дека ако Вињалес успее да го победи тука, тогаш може да го победи и на секоја друга патека.

„Следната трка е во Остин и среќен сум поради тоа бидејќи тука ја постигнав мојата прва победа во Moto2 шампионатот и го имав еден од најдобрите настапи со Suzuki. Отсекогаш сум бил добар тука,“ изјави Вињалес кој минатата сезона заврши на четвртото место на оваа патека.

„Мислам дека патеката одговара на мојот стил на возење. Имам самодоверба и верувам дека можеме да имаме уште еден успешен викенд.“

Иако Yamaha досега немала некој успешен настап на оваа патека, тимскиот директор Масимо Мерегали е убеден дека тоа ќе се промени овој викенд.

„Подлогата на патеката е интересна, иако во минатото таа не ни одговараше. Викендов ќе нападнеме уште од самиот старт. Ќе го искористиме првиот слободен тренинг за подобро да ја научиме патеката бидејќи имаме за цел да ја постигнеме 500-тата победа.“

„Нашите возачи се во одлична форма и на двајцата им одговара оваа патека. Со нетрпение чекаме да почне трката и очекуваме добар резултат.“

Пред стартот на третата трка од шампионатот, Вињалес има предност од 14 поени пред Роси во генералниот пласман.

Back To Top