Валентино Роси би можел да пропушти уште една трка оваа сезона откако се уште не е во можност да обезбеди негативен PCR тест за Ковид 19.

Италијанецот за прв пат беше позитивен во пресрет на првата трка во Арагон и поради тоа мораше да ги пропушти и следните две трки кое се возеа на истата патека.

Но и покрај тоа што веќе нема симптоми и се чуствува подготвен за возење, тестот кој го направи во вторникот покажа дека тој се уште е позитивен. Роси се уште има шанса да настапи на трката во Валенсија но ќе мора да покаже два негативни PCR теста.

Еден ќе му биде направен во среда а потоа во рок од 48 часа ќе мора да има уште еден негативен тест. Тоа би значело дека ќе го пропушти тестот во петок но ќе може да се врати на патеката во сабота.

 DSC3566 copy copy copy copy

Yamaha го одбра американецот Герет Герлоф за негова замена. Герлоф оваа година дебитираше во WorldSBK серијата. Возејќи за GRT Yamaha, тој три пати се искачи на подиумот.

Герлоф беше избран пред Торпак Разгатлиоглу, кој вози за фабричката Pata Yamaha екипа. Турскиот возач е спонзориран од Red Bull и поради тоа би можело да дојде до проблеми.

Вакво нешто се јави и при потпишување на договорот, со оглед на тоа дека Yamaha има блиски врски со Monster Energy, но Турчинот остана истраен и му беше дозволено да го задржи спонзорството.

Вреди да се напомене и дека Хорхе Лоренцо воопшто не беше повикан да го замени Роси. Ова би можело и да ги потврди информациите дека Yamaha планира да ја прекине соработката со Шпанецот. Лоренцо  имаше слабо време на последниот тест во Портимао. Иако настапи со MotoGP машината сепак имаше послаб резултат од другите возачи кои настапија со продукциските мотоцикли.

Веднаш после тестот Роси изјави дека Шпанецот ќе треба да помине многу повеќе време возејќи доколку и во иднина сака да биде тест возач.

Дури во петок попладне ќе знаеме дали Роси ќе може да настапи на трката во Валенсија. Но ако резултатот од денешниот тест е позитивен, тогаш тој сигурно ќе ја пропушти трката. После тоа ќе има уште една недела на располагање за да покаже два негативни теста пред да му биде дозволено да настапи на трката во Валенсија.

Back To Top