Меморандумот ги поставува основите за нова земја да може да се приклучи на календарот.

Dorna Sports објави дека е постигнат начелен договор Унгарија да стане дел од MotoGP серијата почнувајќи од 2022 година. Унгарската влада и првите луѓе на Dorna Sports потпишаа меморандум според кој во периодот од 2022 до 2026 година во државата би се одржале пет Гран При трки. Соработката официјално треба да биде потврдена до крајот на февруари 2020 година.

Унгарија и во минатото беше домаќин на мото трки а државата има долга традиција во мотоспортот, како на две така и на четири тркала. Домаќин на настанот ќе биде нова патека која најверојатно ќе биде изградена на истокот на државата.

 DSC4672

Ласло Палковиш, министерот за иновации и технологија, неодамна го презентираше планот пред Унгарскиот парламент. Конечната одлука за тоа каде ќе биде изградена патеката се очекува да биде донесена на почетокот на 2020 година.

„Многу сум среќен што можам да објавам дека MotoGP ќе се врати во Унгарија. Наскоро до владата ќе биде доставена стратегија за развој на Унгарскиот мотоспорт. Таа ќе вклучува голем број на цели и мерки кои треба да се преземат. Покрај успех во спортот и влијанието врз туризмот, ова е важно и бидејќи индустријата има големо влијание врз Унгарската економија. Главни делови каде што ќе се посвети најголемо внимание се подобрувањето на патеката Хунгароринг како и новата патека на која ќе се одржуваат трките од MotoGP шампионатот“, изјави Ласло Палковиш, министерот за иновации и технологија во Унгарската влада.

Кармело Езпелета од Dorna вели: „Можам да потврдам дека има разговори за додавање на уште една трка на календарот. Продолжуваме да го развиваме нашиот спорт низ светот. Нова трка во Унгарија е навистина одлична можност за нас. Ова воедно го враќа MotoGP во држава која има долга традиција во мотоспортот. “

Back To Top