Валентино Роси дојде до моментот кога треба да одлучи  дали ќе ја продолжи MotoGP кариерата или ќе замине во пензија. Поранешниот ривал Макс Бијаџи има поинаква идеја.

Поранешниот WorldSBK шампион го предизвика Валентино Роси да премине во Супербајк серијата откако ќе ја заврши MotoGP кариерата. Бијаџи, за кој многумина велат дека бил најтешкиот ривал на Роси, водеше интересна борба со Италијанецот во периодот од 2000 до 2005 година.

Иако Бијаџи има повеќе титули во помалите категории, сепак Роси влезе во историјата на MotoGP откако освои седум титули светски шампион. Кариерата на Бијаџи тргна во погрешна насока откако во 2005 година Honda одлучи да го прекине договорот со него. Тој направи пауза од една година а потоа премина во WorldSBK шампионатот. Во 2010 и 2012 година ја освои титулата а потоа одлучи да се повлече.

Сега Бијаџи, кој е претседател на тимот Max Racing кој настапува во Moto3 серијата, зборува за иднината на Роси кој во последните неколку сезони не може да го следи чекорот на неговите ривали.

Rossi and Biaggi txt 1 14 11

Иако има најави дека Роси би можел да се повлече по завршувањето на сезоната 2020, Бијаџи верува дека тој одново може да ја открие страста за тркањето доколку премине во WorldSBK.

„Се додека постои ентузијазмот, не гледам причина зошто не би се случило тоа“, изјави Бијаџи за Италијанските медиуми. „Средината е прекрасна а ние тркачите се што сакаме е да излеземе на патеката и да уживаме. Доколку не му оди во MotoGP треба да премине на друго место.“

Бијаџи верува дека успехот на Kawasaki во WSBK се должи на тоа дека тие немаат екипа во MotoGP. Како пример ги даде Aprilia кои беа добри во серијата се додека не одлучија да имаат тим и во MotoGP.

„Во WorldSBK, Kawasaki е навистина моќен исто како што и Aprilia беше во минатото.Тие не се дел од MotoGP а  бидејќи е многу скапо, фабриките одлучиваат да вложат само во една програма. “

Rossi and Biaggi txt 2 14 11

Дали Валентино Роси навистина би можел да премине во WorldSBK?

Дали Роси ќе го послуша мислењето на Бијаџи? Можеби. Дали сериозно ќе го сфати неговиот совет? Веројатно не.

И во минатото имаше најави дека Роси ќе биде дел од WorldSBK, ако не целосен премин, барем на една трка. Не смееме да заборавиме дека имаше најави и дека ќе настапи во Формула 1 шампионатот.

Иако последниве некоку години не се најдобри за Роси, сепак во моментов тешко е да поверуваме дека би можел да премине во WorldSBK.  На ова се надоврзува и фактот дека исто како и во MotoGP, и во WorldSBK тимот на Yamaha не е еден од фаворитите за титулата.

Многу поверојатна е опцијата доколку Роси одлучи да се повлече по завршувањето на сезоната 2020, да стане тимски менаџер во некоја од сериите. Или пак можеби ќе го продолжи договорот со Yamaha.

Back To Top