Пред помалку од една недела, тимовите од MotoGP серијата се собраа на патеката во Сепанг за да продолжат со подготовките во пресрет на новата сезона. Но што донесе секој од производителите за време на три дневниот тест?
Ducati
Да почнеме со тимот кој ги освои првите четири позиции, Ducati, тимот, кој секогаш не изненадува со нови иновации. За време на третиот ден од тестовите, возачите на Mission Winnow и Alma Pramac Ducati ги преставија новите надворешни додатоци. Покрај ова, Ducati заедно со Андреа Довициозо ја престави новата, подобрената, шасија. Данило Петручи испроба два нови резервоари за гориво. Возачите на Alma Pramac, Џек Милер и Франческо Бањаиа пак го испробаа дизајнот на Хорхе Лоренцо од 2018 година.

Но тоа не е се. Медиумите забележаа дел на мотоциклот на Ducati за кој велат дека има улога да ја заклучи суспензијата на стартот на трката. Фабриката од Болоња исто така тестираше и нова „salad box“ која се наоѓа на задната страна на мотоциклот.
Yamaha
Валентино Роси и Маверик Вињалес ги покажаа новите екстерни додатоци. Роси ги проба за време на првиот ден од тестирањето додека пак Вињалес за време на третиот и последен ден од тестовите. Главниот фокус на тимот во текот на зимската пауза беше насочен кон новиот мотор. А со оглед на тоа дека Роси и Вињалес настапија само со еден мотоцикл во Сепанг, се чини дека фабриката од Ивата веќе има одлучено со какви спецификации ќе настапи.

Honda
Honda го тестираше редизајнираниот издув како и новите екстерни додатоци. Јапонската компанија го тестираше и новиот мотор но ова не беше променета која привлече најголемо внимание. Мотоциклите на Honda користеа ‘Salad box’, нешто што досега беше поврзано со моделите на Desmosedici.

Suzuki
Алекс Ринс и Јоан Мир ги тестираа екстерните додатоци. Двајцата возачи ги споредија и различните спецификации на шасијата. За време на претпоследниот тест, Силвиан Гинтоли и Такуја Цуда го испробаа двојниот издув.
КТМ
Според медиумите, Австриската фабрика на тестот во Сепанг донесе неколку мотори кои имаа различни спецификации. Покрај ова, имаше и нова задна вилушка изработена од јаглеродни влакна, екстерни додатоци, предна суспензија како и нов заден дел. Јоан Зарко, кој се уште се адаптира на новиот мотоцикл го тестираше новото седиште на мотоциклот.

Aprilia
Мотоциклот за сезоната 2019 на Италијанската компанија многу повеќе наликува на верзијата од 2017 година одколку на мотоциклот со кој настапија минатата година. Aprilia тестираше нова вилушка изработена од јаглеродни влакна.

Тимовите повторно ќе се вратат на патеката за време на тестот во Катар кој ќе се оддржи на 23-ти февруари.

Коментари