Во третото продолжение од прегледот на новата сезона, ги оценуваме шансите на Suzuki, тимот кој ќе се обиде да го повтори успехот од 2016 година....

Тим: Suzuki Ecstar

Возачи: Алекс Ринс, Јоан Мир

Тест возач: Силвиан Гуинтоли

Мотоцикл: Suzuki GSX-RR

Најдобро пласиран возач во 2018 година: Алекс Ринс, 5-та позиција

Најдобар резултат во 2018 година: Алекс Ринс (2) , Андреа Инаное (2)

Најдобар резултат на тестовите: 7-ми (Валенсија), 10-ти (Херез), 12-ти (Сепанг), 3-ти (Катар)

Инжинерите на Suzuki можат да бидат среќни од изјавата на Алекс Ринс за време на последната вечер од тестот во Катар кога порача дека мотоциклот нема негативна страна. Всушност, може да се каже дека ова беа позитивни шест месеци за тимот. Се започна во септември минатата година во Мисано кога Ринс даде најава за она што ќе се случува во текот на зимската пауза.

Не дозволувајте да ве залаже десетата позиција во Херез како и дванаесетото место во Сепанг. Ринс беше меѓу најдобрите возачи во текот на зимската пауза. Кога не бркаше најдобро време, вниманието му беше насочено кон постигнување на добро темпо. Тој беше најконзистентен возач во Малезија и само Маверик Вињалес и Марк Маркез постигнаа подобри резултати од него за време на вториот и третиот ден од тестовите во Катар.

Suzuki Preview Txt 3 06 03

Ринс, која сега има улога на лидер на тимот, има многу поголема самодоверба во борбата со главните имиња во серијата. Прашајте било кој од возачите кои се дел од серијата што мислат за Suzuki и ќе ви одговорат дека тие се навистина добри. Може ли да кажеме дека тие би можеле и да се борат за титулата?

Ринс засега ги отфрла наводите дека би можел да се бори за титулата. „Ќе биде тешко“, изјави тој по завршувањето на тестот во Малезија. „Но мислам дека имаме шанса да победиме на неколку трки.“

Откако ги надминаа проблемите поврзани со изборот на моторот, компанијата од Хамамацу не погледна назад. Подобрувањето на машината која на последните пет трки, четири пати се најде на подиумот воопшто не беше лесно. Но се чини дека инжинертите успеаа во тоа и додадоа дополнителна стабилност на шасијата која и претходно беше доста агилна.

Андреа Ианоне му го отстапи местото на Јоан Мир. Дебитантот во серијата веќе покажа дека е брз откако во 2017 година постигна десет победи во Moto3 шампионатот. Поранешниот шеф на тимот на Ианоне остана дел од екипата и сега ќе го надгледува напредокот на двајцата возачи. Освен пристигнувањето на Френки Карчеди, кој ќе биде нов шеф на тимот на Мир, останатиот дел од екипата остана непроменет.

Suzuki Preview Txt 1 06 03

Доколку ја одземете од равенката втората сезона на Вињалес во шампионатот, тешко можете да видите кога имало толкав оптимизам во Suzuki во четири-тактната MotoGP ера. „Севкупно гледано, навистина сме задоволни од напредокот кој го постигнавме во текот на зимската пауза“ , изјави тимскиот менаџер Давиде Бривио. „Го следевме нашиот план, направивме добра селекција и Алекс е навистина брз. Има добро темпо кога е на патеката и секогаш вози брзи кругови. Од друга страна, напредок има и кај Јоан. Би можел да кажам дека работите во моментов се одвиваат добро.“

Дури и падот на последната вечер во Катар не ја наруши неговата самодоверба. „Бевме добро подготвени“, изјави поранешниот возач во Moto 2 и Мoto 3 сериите. „Завршивме одлична работа со овие тестови. Испробавме се што ни донесе Suzuki. Имаше многу нови делови од кои некои беа навистина добри. Искрено немаше лоши работи и тоа е навистина импресивно.“

Меѓу тие промени, како што изјави Бривио се подобрената рамка и мотор. „Мислам дека завршивме добра работа со моторот. Направивме промени и на шасијата и сега таа е постабилна. Но мораме подобро да разбереме како функционира за време на трката. Секако, добро се справуваме и со пневматиците. Но, мораме да видиме дали ќе успееме да го оддржиме ова.“

„Понекогаш е тешко да се подобрите. Се обидувавме да пронајдеме поголема брзина и да добиеме поголема моќност од моторот. Во однос на шасијата се е во ред. Испробавме некои нови работи во однос на суспензијата и се обидовме да ја подобриме стабилноста при сопирањето. Мислам дека сме на вистинскиот пат.“

Како резултат на ова, Ринс доживеа голем напредок. „Мислам дека сега има многу поголема самодоверба. Сега знае многу повеќе. Мислам дека вториот дел од минатата сезона многу му ја зголеми самодовербата. Неколку пати се најдовме на подиумот и секогаш бевме во групата на најбрзи возачи. “

„Ова е многу важно бидејќи ви дава поголема самодоверба дека можете да успеете. Со Алекс имаме одлична соработка и разбирање. Очигледно е дека направи дополнителен чекор во текот на зимската пауза. “

Suzuki Preview Txt 4 06 03

На Бривио не му е непознат развојот на нов талент. Suzuki е фабрика која во споредба со останатите Јапонски производители има мал тркачки оддел. Откако помина 5 трки во Moto2 серијата, Мир веќе го покажа својот талент.

Перформансите за време на тестовите главно беа позитивни а возачот кој доаѓа од Мајорка во ниту еден момент не заостануваше повеќе од 1.2 секунди зад најдобриот резултат. Неговите перформанси за време на последниот ден од тестовите во Катар го натераа Валентино Роси да го вметне неговото име меѓу потенцијалните кандидати за победа на првата трка од сезоната.

Во текот на изминатите три месеци, Бривиот забележа неколку навистина позитивни знаци. „Можам да потврдам дека сум импресиониран. Нема никакво сомневање дека тој е талентиран возач. Побаравме од него да тестира неколку делови и да работи на развојот. Може да даде и свои забелешки. Нависитна сме среќни со неговиот напредок.“

„Ова е трет пат како почнуваме со дебитант. Во првата сезона тој ќе треба да го научи мотоциклот а многу работи ви стануваат јасни за време на трката. Многу можете да научите доколку само ги гледате другите возачи околу вас.“

„Овие талентирани возачи знаат понекогаш да изненадат. Но да му го дадеме времето кое му е потребно. Сигурни сме дека во иднина ќе биде еден од најдобрите возачи.“

Меѓу поинтересните работи кои се случуваат во главното седиште на компанијата во текот на зимската пауза беше креирањето на „Suzuki Racing Company“ организација која ќе се фокусира на промоција на брендот Suzuki како и надгледување на задолженијата поврзани со тркањето.

Постојат гласини дека SRC има самостоен буџет а Бривио смета дека неговото креирање ќе забрза одредени процеси кога станува збор за донесување на одлуките поврзани со MotoGP проектот.

Suzuki Preview Txt 2 06 03

Како што објасни Бривио, една од причините за ова е бидејќи досега тркачките активности биле под надлежност на одделот за мотоцикли. „Повеќе станува збор за организациска поставеност“, вели Бривио. „Бевме дел од дивизијата за мотоцикли, но во суштина, со нашите активности во MotoGP ние го промовираме целиот бренд на Suzuki, не само бизнисот со мотоцикли.“

„Suzuki многу успешно продава автомобили, бродски мотори како и мотоцикли. Ова се главните три дела на нашиот бизнис. Со креирањето на овој оддел, сакаме да покажеме дека не се тркаме само за бизнисот со мотоцикли туку и за целокупниот бренд на Suzuki.“

„За луѓето кои се дел од тимот, работите остануваат исти. Лидерот на проектот е ист, инжинерите се исти. Само имаме реорганизација на администрацијата.“

„Се надевам дека ќе имаме корист од тоа што сме одделна организација. Ќе бидеме независни во поглед на одредени работи и ќе се обидеме да донесеме одредени одлуки. Во моментов ваква е ситуацијата.“

„Како што кажав, сакаме да бидеме од корист на целата компанија. Но од друга страна, ова е само мое размислување, тркачките активности се поинакви од секојдневниот бизнис. Можеби фактот дека имаме самостојна компанија малку ќе го забрза процесот. Но исто така е и тешко да се натпреварувате без поддршка на голема компнија. Само времето ќе покаже дали ваквата одлука ќе донесе подобрување.“

Дали Бривио се сложува со размислувањето на Ринс дека тимот мора да се фокусира на победите ? „Мислам дека мораме да се обидеме. Нашите ривали се навистина силни. Имаат брзи мотоцикли и добри возачи. Мислам дека минатата година бевме многу блиску до победа на некои трки.“

„Зошто да не успееме во тоа. Ние сме посветени и тука сме да се обидеме. Ќе биде тешко, но сигурно ќе се обидеме да победиме. Тоа е следниот чекор за нашиот тим.“

Back To Top