„Целта ни е до овој период во 2020 година да имамe барем една MotoGP победа“ - Разлан Разали, Petronas Yamaha.

Додека да се одржи следната трка на патеката во Силверстоун во 2020 година, првиот човек на тимот Petronas, Разлан Разали се надева дека сателитскиот тим на Yamaha ќе ја освои првата победа.

Минатата недела, на патеката во Велика Британија беше одбележана една година откако тимот ги објави плановите за влез во MotoGP. Првите дванаесет трки ги надминаа нивните очекувања. Дебитантот Фабио Куартараро три пати успеа да се искачи на подиумот а исто така освои и три пол позиции. Франко Морбидели пак два пати стартуваше од првиот ред а неколку пати трките ги заврши на петото место.

„Не очекувавме дека ќе се најдеме на оваа позиција после 12 трки“, вели Разали. „Се надевавме дека Френки ќе биде меѓу најдобрите шест возачи а Фабио ќе ја освои наградата за дебитант на годината. Но не очекувавме и двајцата да го постигнат овој резултат. Навистина сме среќни и задоволни од нивниот досегашен настап.“

„Без никакво сомневање најголемо изненадување за нас е Фабио“, додава Разали. „Кога објавивме дека тој ќе биде наш втор возач, многумина сметаа дека правиме погрешен избор. Но сега сите велат дека донесовме вистинска одлука!“

„Тој е најголемо изненадување оваа година, освои неколку места на подиумот како и неколку пол позиции. Неверојатен е и морам да признаам дека е многу талентиран. Да се освои пол позиција и второ место на Европска трка на која прват настапува е едноставно неверојатно.“

Petronas Yamaha txt 04 09

Таквиот успех пак значи дека амбициите на тимот следната година ќе бидат уште поголеми.

„Постигнавме неверојатен успех и секако дека ќе имаме дополнителен притисок следната година“, признава Разали. „Секако дека сакаме да бидеме уште подобри и сигурен сум дека нашите возачи ќе продолжат да постигнуваат добри резултати.“

„Се надевам дека овој период следната година веќе ќе имаме барем една победа. Откако еднаш ќе почувствуваш што значи да се искачиш на подиумот, пол позиција па дури и победа, ќе сакаш повторно да го искусиш истото. Нашите цели остануваат исти и многу е важно да останеме фокусирани. Навистина би сакал да стигнеме до првото место на подиумот на Гран При трката на Малезија.“

Куартараро не успеа да се искачи на подиумот на трката која се возеше во Силверстоун. Сепак, тој постигна најдобро време на тестот кој се одржа во Мисано.

Најблиску до победа: Возачи на сателитски тим на Yamaha во MotoGP (од 2002 година)

+ 0.251 Јохан Зарко (Tech3 Yamaha, второ место) Аргентина 2018 година

+ 0.337 Јохан Зарко (Tech3 Yamaha, второ место) Валенсија 2017 година

+ 1.360 Колин Едвардс (Tech3 Yamaha, второ место) Донингтон Парк 2009 година

+ 1.559 Кал Кратчлоу (Tech3 Yamaha, второ место) Заксенринг 2013 година

+ 2.660 фабио Куартараро (Petronas Yamaha, второ место) Барселона 2019 година

Тимот ќе ги задржи истите возачи и во сезоната 2020 а Куартараро ќе му се приклучи на Морбидели и следната година ќе настапува со мотоцикл кој има фабрички спецификации.

Исто така дел од тимот ќе остане и Џон МекФи кој оваа сезона на тимот му ја донесе првата Гран При победа во Moto3 серијата. Во моментов се уште не се знае кој ќе биде негов тимски колега а исто така не се потврдени ниту возачите кои ќе бидат дел од тимот кој се натпреварува во Moto2 шампионатот.

„Во MotoGP продолжуваме со Франко и Фабио и тие двајца би требало да бидат неверојатна комбинација во втората сезона“ , вели Разали.

„Се уште имаме време да ги потврдиме возачитe кои ќе бидат дел од Moto2 додека пак во Moto3 веќе потврдивме дека во тимот ќе остане МекФи.“

Back To Top