Откако се растури ионака климавата соработка со арапската нафтна компанија Aramco, конечно се склопи финансиската конструкција за тимот на Rossi.
Вестите се оптимистички за новиот тим на Valentino Rossi. По најавата за отпочнување на спонзорска соработка со нафтната компанија Aramco, која е во сопственост на Саудиска Арабија односно под директна контрола на Принцот Mohammed bin Salman, многумина го критикуваа италијанскиот шампион за “шурување” со непријателот. Дури и овогодинешната прва трка на F1 возена во Кралството беше под постојани критики. Секако непочитувањето на човечките права во Саудиска Арабија се главна причина за кревање глас на критизерите.
Како и да е целата работа падна во вода, а за причините можеме само да нагаѓаме.
Можеби неисполнување на желбата на Принцот за возачки ангажман на големиот Rossi, беше една од причините, или пак конечно Vale сфати дека ќе треба да му игра на музиката што ќе ја свири Принцот доколку се фатат на орото?
Како и да е, италијанската фирма за нудење на финансиски услуги Mooney е новиот партнер кој ќе ги поддржува тимовите на VR46 и во Moto2 и во MotoGP, и ќе им помогнат финансиски на нивните возачи да се натпреваруваат рамо до рамо со најдобрите.
Секако дека Rossi не е на просјачки стап, но финансиско вложување во сопствен тим никогаш не се покажало како добра идеја, особено во мото спортовите. Вака се добива одржлив модел кој нема да зависи и во иднина од италијанскиот светски шампион.
Официјалното објавување на соработката се очекува веднаш по нова година додека ние сите можеме да се радуваме на некое ревијално, или дури и тест возење на Valentino на Desmosedici GP22. Веројатно и самиот сака да дознае дали пензионирањето се должеше на неговата неможност да го искористи потенцијалот на Yamaha, и конечно да се помири со единствениот мотор со кој никогаш не успеа да победи.