(Време на читање: 1 - 2 минути)


Возачите во MotoGP шампионатот одржаа спонтан состанок на Филип Ајленд, поттикнат од загриженоста поради актуелната безбедносна ситуација на Блискиот Исток и потенцијалното влијание врз одржувањето на трката за Големата награда на Катар.

Иако официјално ГП на Катар останува во календарот, според информациите на Moto.it, дури 16 од вкупно 22 возачи се изјасниле против настап во сегашните услови, додека меѓу оние кои се поотворени за патувањето се вбројуваат четворицата возачи на Aprilia.

4.qatar

Состанокот, кој беше инициран директно од самите возачи без вклученост на организаторите на првенството, покажа дека постои значителна поделеност во ставовите. Меѓу оние кои се противат на одржувањето на трката се Марк Маркез, Алекс Маркез, Фабио Квартараро, Алекс Ринс и Џек Милер. Дел од возачите заземаат средна позиција, условувајќи го своето учество со добивање на соодветни безбедносни гаранции.

За разлика од MotoGP, Формула 1 планира редовно одржување на своите трки во Катар и Абу Даби кон крајот на ноември и почетокот на декември, иако оставаат простор за алтернативни решенија доколку безбедносната состојба во регионот ескалира.

Иницијатива за независно здружение на возачи

Дискусиите на Филип Ајленд повторно ја актуелизираа потребата од формирање независно здружение кое би ги застапувало интересите на возачите, особено во однос на безбедносните прашања. Франческо Бањаја, еден од главните поддржувачи на оваа идеја, истакна дека проектот бил започнат уште во 2023 година, но бил прекинат поради виша сила.

Мислам дека единството и здружението на возачите се важни. Важно е да имаме некој што ќе нè застапува, можеби личност надвор од овој свет, без преференции, која ќе работи исклучиво за безбедноста и за нас. Франческо Бањаја, возач

Реакциите по состанокот се поделени. Марко Бецеки го оцени собирот како конструктивен и зрел, иако призна дека не е постигнат консензус. Од друга страна, Хорхе Мартин изрази скептицизам, наведувајќи дека немал чувство оти средбата донела конкретни промени. И покрај разликите, состанокот се смета за чекор кон поголема организација на возачите во иднина.

По овој викенд, до крајот на сезоната остануваат уште 4 рунди, па доколку се откаже Катар, состојбата во шампионатот најверојатно ќе се решава на последната трка во Валенсија.

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: