„Би можеле да имаме 22 трки но ајде да направиме тие да се одржуваат во сабота и недела. Тоа би можело да биде еден начин.“

MotoGP календарот следната сезона ќе брои 20 трки откако ќе се приклучи и трката која ќе се вози во Финска. Но тие не планираат да застанат тука.

Во следните неколку години се очекува оваа бројка да се искачи на 22 трки во една сезона. Веќе има постигнато начелни договори со Индонезија, Бразил и Унгарија а интерес  за да бидат домаќини на една трка искажаа и Португалија и Виетнам.

Во моментов, за да се додадат овие трки скратено е времето за тестирање. Од 2021 година повеќе нема да ги има тестовите во Валенсија и Катар. Помеѓу крајот на сезоната 2020 и почетокот на сезоната 2021, ќе имаме само два официјалнитестови, Херез и Сепанг, што значи дека кратењето ќе мора да дојде од некоја друга страна.

 DSC5160 copy

„Секако дека ќе биде напорно да имаме 22 трки“, вели тимскиот менаџер на Suzuki, Давиде Бривио. „ Тешко ќе биде и за возачите кои ќе мораат да бидат концентрирани на 22 трки. Но ќе биде напорно и за сите кои се дел од овој спорт. “

„Кога се појави можноста да имаме 20 трки следната година, почнавме разговори со останатите тимови за да се намали бројот на тестови. Со овој потег се обидуваме да балансираме.“

„Но не е исто да откажеш еден тест и да воведеш нова трка. 22 трки ќе бидат навистина напорни за сите нас. Формула 1 веќе стигна до таа бројка а има најави и дека таа ќе се зголеми до 25 трки во следните неколку сезони.“

А со оглед на тоа дека повеќе не може да се крати кај тестирањето, се размислува тркачките викенди да се намалат од три на два дена.

„Можеби би можеле да ги скратиме тркачките викенди, Тоа е една од опциите. Лично јас би ја разгледал оваа можност. Не знам дали ова е возможно да се оствари но вреди да се размисли“, вели Бривио.

„Ајде да имаме 22 трки но да го збиеме календарот во сабота и недела. Ова е една од опциите. Мораме да најдеме решение.“

 DSC5164 copy copy

Италијанецот сепак признава дека големиот број на трки на еден начин преставува добар проблем.

„За среќа MotoGP станува се попопуларна и тоа е позитивно. Се шириме низ се повеќе земји и тоа е навистина добро за сите. Ајде сега само да се обидеме да најдеме добар компромис.“

Новиот извршен директор на Aprilia, Масимо Ривола вели дека се сложува со мислењето на Кармело Езпелета дека треба да имаме повеќе трки а помалку тестови.

Но исто како и Бривио, и поранешниот спортски директор на Формула 1 тимот на Ferrari, смета дека тркачкиот викенд треба да се намали на два дена.

„Таа идеја воопшто не е лоша. Всушност истото го предложив и пред десетина години во Формула 1 но тогаш ме одбија. Искрено, мислам дека треба да ја разгледаме оваа опција.“

Самиот концепт е далеку од совршен.

„Единствено сум загрижен за помладите возачи бидејќи нив им треба повеќе време на патеката. Но можеби со поинаков формат би го решиле и тоа“, вели Ривола.

„Прекрасно е да се имаат трки од Moto3, Moto2 и MotoGP во еден ист викенд. Тоа не мораме да го загубиме и мислам дека тоа е клучот за нашата иднина. “

„Но дводневниот тркачки викенд е добро опција и ќе разговараме со другите тимови.“

 DSC5256

Во 2002 година кога се направи последната голема промена во серијата,еден викенд во премиерната класа се состоеше од еден слободен тренинг и една квалификациска сесија во петок и сабота. Во недела имаше загревање и трка.

Во 2005 година, петочната сесија беше заменета со втор слободен тренинг а вкупната бројка од шест сесии остана иста. Во 2009 година, утринската тренинг сесија беше укината. Останаа само пет сесии од кои четири се одржуваа во сабота и недела. Утринскиот тренинг кој се одржува во петок повторно беше воведен во 2011 година.

Во меѓувремe, Алеш Еспаргаро е еден од возачите кои нема премногу да жалат за тестот во Валенсија. „Секој возач поинаку размислува но јас навистина ги мразам тестовите. Мислам дека ние сме тука за да се тркаме.“

„Разбирам дека мораме да тестираме но јас повеќе ги преферирам трките. Во Валенсија тестираме во поладни услови  а ако имате нов мотоцикл до тестот во Катар, тогаш сето тоа нема смисла. Затоа мислам дека е добар новиот календар на Dorna.“

Back To Top