Liberty Media Corporation и Dorna Sports S.A. потпишаа нови петгодишни договори со сите единаесет тимови во MotoGP, кои ќе бидат во сила од 2027 до крајот на 2031 година. И покрај официјализирањето на соработката, во позадина се водат интензивни преговори за иднината на шампионатот, каде во фокусот е воведувањето на ограничување на буџетите, слично на моделот што веќе се применува во Формула 1.
Идејата за „буџетска капа“ во кралската класа, која би можела да стапи на сила најдоцна до 2032 година, има за цел да ги ограничи растечките трошоци на тимовите и да обезбеди порамноправна конкуренција. Сепак, плановите наидуваат на поделени мислења меѓу производителите, при што европските брендови како Ducati, KTM и Aprilia се наклонети кон ваква мерка, додека јапонските производители, Honda и Yamaha, покажуваат скептицизам и отпор.
Преговорите за начинот на пресметка и контрола на трошоците се сложени, особено поради искуствата од Формула 1, каде ограничувањето беше поставено на околу 133,4 милиони евра во 2021 година, за во 2026 година да се зголеми на околу 197,8 милиони евра. Во MotoGP, предизвикот е поголем поради разликите во логистичките трошоци, бидејќи јапонските тимови имаат значително повисоки трошоци за транспорт до европските трки во споредба со нивните европски ривали.
Финансиската структура на тимовите е различна, а буџетите на некои од нив се јасен показател за предизвиците. Така, буџетот на Aprilia се проценува на 38 милиони евра, додека годишните трошоци на KTM се движат меѓу 45 и 50 милиони евра, по одбивањето на приходите од спонзорства. Од следната година, субвенциите за тимовите ќе бидат зголемени: шесте приватни тимови ќе добиваат по 9 милиони евра годишно (наместо досегашните 6 милиони евра), додека петте фабрички тимови ќе добиваат 9 милиони евра (наместо 3 милиони евра). Во почетната фаза на преговорите, се споменуваше дури и сума од 26 милиони евра по фабрички тим.
Кармело Ецпелета, извршниот директор на MotoGP, истакнува дека воведувањето на разумен буџетски лимит би можело да го направи шампионатот повторно привлечен за производители како BMW. Дополнително, се планираат технички ограничувања за намалување на трошоците, вклучително и забрана на сегашните уреди и рестрикции во аеродинамиката од 2027 година. Dorna исто така разгледува можност за субвенционирање на синтетичкото гориво кое чини 86 евра по литар, под услов тимовите да се согласат на единствен снабдувач.
Искуствата од другите спортови, како случајот со фудбалскиот клуб Манчестер Сити, кој се соочува со обвинувања за 115 прекршувања на правилата за финансиска фер-плеј, служат како потсетник за тешкотиите во спроведувањето на ваквите регулативи. Во Формула 1, три тима веќе беа казнети за пречекорување или процедурални грешки во 2021 година: Red Bull Racing со околу 6,4 милиони евра и намалување на аеродинамичкото тестирање, Aston Martin со околу 414.000 евра и Williams со околу 23.000 евра.

Коментари