Денешната презентација на Јамаха во седиштето на „Movistar“ во Барселона не ги исполни очекувањата на фановите.

Иако се очекуваше од Јамаха да презентира нов изглед на МотоГП моторите за 2016 година, Лоренцо и Роси визуелно ќе возат скоро идентични мотори како и минатата сезона.

vr46 jl99

Иако под пластиките не очекуваат големи промени, надворешниот изглед е задржан, можеби затоа што тимот посакува да ги повтори успесите од 2015 година. Во 2015 Лоренцо ја освои титулата, а Валентино Роси заврши на втората позиција со заостанување од 5 поени во генералниот пласман. Она што беше нај возбудлива сезона за фановите, за тимот беше и нај успешна, освен титулата кај возачите Јамаха ја обезбеди и титулата во конструкторите.

Лоренцо иако има право да вози со бројот 1, ќе го задржи карактеристичниот број 99 со црвена боја, додека пак Роси продолжува со препознатливата #46.

Моторите кои беа прикажани на презентацијата не се оние кои ќе ги возат Роси и Лоренцо на тестирањето во Сепанг, новите машини сеуште се во Јапонија, а денешните со нови оклопи всушност се тест моторите од Брно.

На прашањата до Лин Џарвис за неговите очекувања за 2016 тој дипломатски одговори дека секоја сезона за сите започнува со 0 поени, но дека сепак имаат големи очекувања имајќи ги во предвид возачите и тимот кој стои зад нив.

Навистина ја сакаме шестата тројна круна, знаеме дека ќе биде тешко бидејќи конкуренцијата не смее да се потцени, а секако тука се и промените во правилата. Имаме нови гуми, Мишелин наместо Бриџстоун, и нова електроника со единствен софтвер за сите. Ќе биде тешко, но ќе биде и многу интересно.- Лин Џарвис

Според Лоренцо на моторот му недостасува сила, но тој смета дека тоа ќе биде средено пред почетокот на сезоната, она што го загрижува е новата електроника. За Валентино Роси важна е „душата“ на М1, а таа според него, постојано е тука, само се префрла од еден мотор на друг.

Back To Top