Бројот #89 го стигна и го помина својот тимски колега и ривал за титулата, додека Огура обезбеди дебитантски MotoGP подиум и ѝ донесе на Aprilia целосна доминација на подиумот во Ле Ман.
Сета крв, пот и солзи. Мачните повреди во 2025. Неизвесноста дали некогаш повторно ќе се врати на највисокото скалило. Но сега, токму тоа го направи. Хорхе Мартин (Aprilia Racing), првпат по Индонезиското Гран При 2024, излезе како победник во неделата во Ле Ман со неверојатно импресивно возење, во кое #89 го стигна и го претекна тимскиот колега Марко Безеки во завршните кругови. Тоа беше ден за паметење за Aprilia, бидејќи не само што ги освоија првите две места на подиумот благодарение на водечките двајца во шампионатот, туку и Аи Огура (Trackhouse MotoGP Team) приреди уште една Гран При магија за да стигне до својот прв MotoGP подиум.
Стартот
Безеки имаше најдобар старт од првиот ред и при влезот во свиокот 3 водството беше негово. На голема радост на домашната публика, Фабио Квартараро (Monster Energy Yamaha MotoGP) се искачи на второто место, додека тој и Педро Акоста (Red Bull KTM Factory Racing) се допираа излегувајќи од свиокот 4. Бањаја загуби позиции од пол-позицијата и падна на четвртото место, а Фабио Ди Џанантонио (Pertamina Enduro VR46 Racing Team) имаше многу подобар старт отколку пред 24 часа – Италијанецот беше петти.
Во вториот круг победникот од Шпанија, Алекс Маркез (BK8 Gresini Racing MotoGP), излета од топ 10, додека Акоста го нападна Квартараро. Нападот успеа во свиокот 11, а потоа Акоста го насочи фокусот кон Безеки. Во петтиот круг Пеко го нападна домашниот херој и го симна на четвртото место, поставувајќи го и најбрзиот круг – 0.2 секунди побрз од лидерот Безеки.
Загревање на врвот додека Мартин го почнува нападот за победа
Водечките изгубија ритам во следниот круг, а беше јасно дека Пеко има подобро темпо од Акоста. И навистина, #63 се проби покрај ѕвездата на KTM за второто место. Заостанувањето зад Безеки? 0.9 секунди. Во меѓувреме, зад нив се формираше „воз“ од бесни машини, со Ди Џанантонио и победникот во Tissot Sprint, Мартин, пред Квартараро. Огура и Жоан Мир (Honda HRC Castrol) беа следни, но во деветтиот круг започна дуелот Мартин – Ди Џианантонио. По неколку обиди во свиокот 3 и 6, Мартин конечно го заврши нападот во свиокот 7. Но таа борба ја оддалечи втората група за повеќе од секунда и половина од водечките тројца.
Гран При трката малку се смири пред половината, но ситуацијата на врвот беше многу интересна. Предноста на Безеки беше 0.6 секунди пред Пеко, со Акоста стабилен на третото место. Темпото на Мартин беше еднакво со лидерите, но шампионот од 2024 заостануваше 1.6 секунди – иако добрата вест за #89 беше што имаше 1.1 секунда предност пред Ди Џанантонио.
Падот на Бањаја
Потоа следеше доза драма. Бањаја, кој изгледаше комотно на второто место, го загуби предниот дел при влез во свиокот 3 во 16-тиот круг од 27. Катастрофален крај на многу ветувачки викенд. За среќа, Италијанецот беше физички добро, а уште подобро изгледаше Мартин. Сега трет по грешката на Пеко, Мартин беше во борба за победа и во 18-тиот круг го минa Акоста.
Мартин го стигнува Безеки, Огура напаѓа за подиум
Сега беше Aprilia против Aprilia. Прв против втор во шампионатот. Мартин беше 1.5 секунди зад Безеки, но додека погледите беа насочени кон Мир кој го напаѓаше Квартараро, разликата се намали за половина секунда. Во 20-тиот круг Безеки водеше со една секунда пред Мартин, а Акоста беше 0.7 секунди зад нив.
На почетокот на 21-виот круг разликата беше 0.8 секунди. Мартин го стигнуваше својот колега, а уште еден Aprilia возач напаѓаше – Огура. Ди Џианантонио падна на петтото место, а веднаш пред тоа Мир, кој се искачи на шесто, излета во свиокот 11.
На врвот, Огура леташе. Јапонецот беше 0.5 секунди побрз од Безеки во 21-виот круг, а подиумот на Акоста беше под сериозна закана. Во 23-тиот круг, во свиокот 3, Огура за Aprilia направи 1-2-3.
Можеше ли #79 да се вмеша и во борбата за победа? Ако Мартин влезеше во дуел со Безеки – можеби. И со четири круга до крај, Мартин беше веднаш зад задното тркало на својот колега, поставувајќи 1:31.2 наспроти 1:31.4 на Безеки.
Безеки беше во проблеми, и тоа се докажа. Мартин, три круга пред крај, го направи потегот. Класно претекнување. Свиок 3, доцно кочење, работа завршена. Мартин поведе за првпат и изгледаше дека Безеки нема одговор. Нема контранапад – Мартин се одлепи за 0.7 секунди.
Наместо борба за победа, Безеки сега мораше да го брани третото место. Огура беше само 0.7 секунди зад фабричкиот RS-GP, потоа 0.5, влегувајќи во последниот круг.
Разликата меѓу Мартин и Безеки беше 0.6 секунди – доволно за чист последен круг. И токму тоа се случи. Првпат по Индонезија 2024, Хорхе Мартин повторно се искачи на највисокото скалило.
Безеки го одбрани притисокот на Огура и освои 20 важни поени, но неговото водство во шампионатот се стопи на само еден поен по овој мал удар од тимскиот колега. А Огура, со третото место, стана првиот јапонски возач на подиум од 2012. Одамна се најавуваше – конечно стигна. Каков ден за Aprilia.
Освојувачите на поени во Франција
Претекнување во претпоследниот свиок му донесе на Ди Џанантонио четвртото место пред Акоста, кој мораше да се задоволи со петтото. Одличниот викенд на Квартараро заврши со солидно шесто место дома, иако тоа не е резултат за кој се бори, но со оглед на околностите – ќе биде задоволен.
Седмото место му припадна на Енеа Бастијанини (Red Bull KTM Tech3), а потоа следеа Раул Фернандез (Trackhouse MotoGP Team), Фермин Алдегер (BK8 Gresini Racing MotoGP) и Лука Марини (Honda HRC Castrol) кои ги заокружија топ 10.
Домашниот херој Жоан Зарко (Castrol Honda LCR) имаше тежок ден поради инцидент со Фернандез во првиот круг, па заврши 11-ти. Алекс Ринс (Monster Energy Yamaha MotoGP), Топрак Разгатлиоглу (Prima Pramac Yamaha MotoGP), Франко Морбидели (Pertamina Enduro VR46 Racing Team) и Џек Милер (Prima Pramac Yamaha MotoGP) ги освоија последните поени.
Следна станица: Барселона
Едвај имаме време да здивнеме пред MotoGP повторно да се врати на патеката – следната недела не очекува Барселона за шестата рунда. Состојбата во шампионатот? Безеки е прв, со еден поен предност пред Мартин, а Ди Џианантонио сега е трет со еден поен предност пред Акоста. Во топ 5 се искачи и Огура кој заостанува 61 поен зад водечкиот Без.


Коментари