Првиот човек на Yamaha MotoGP, Лин Џарвис, откри дека не било планирано Хорхе Лоренцо и Валентино Роси да настапат во ист тим.

Шефот на Yamaha Racing, Лин Џарвис, откри дека постоело големо ривалство помеѓу Хорхе Лоренци и Валентино Роси во периодот кога двајцата возачи настапуваа за тимот.

Лоренцо пристигна во фабричкиот тим на Yamaha заедно со Роси во 2008 година и веднаш остави силен впечаток, освојувајќи пол позиција на првиот настап во тимот. Веќе на третата трка која се возеше во Поругалија, стигна и до првата победа.

Но она што следуваше потоа беше едно големо ривалство помеѓу Лоренцо и Роси кои се бореа за тоа кој ќе биде прв возач во екипата. Двајцата дури и не сакаа да делат информации.

Но и покрај сите несогласувања, тимот со помош на Роси ги освојуваше титулите во 2008 и 2009 година додека пак Лоренцо стана шампион во 2010-та. Веднаш потоа, Италијанецот премина во Ducati.

Сепак, неодамна Џарвис откри дека воопшто не било планирано Роси и Лоренцо заедно да настапат во тимот. Според него, се очекувало Роси да премине во Формула 1 и да настапи во тимот на Ferrari.

Rosi Lorenco txt 02 01

На крајот тоа не се случи. Италијанецот остана во тимот а двајцата возачи се бореа за позицијата на прв возач. Тоа продолжи и во 2013 година кога Роси се врати во Yamaha а битката траеше се до моментот кога Лоренцо реши да премине во Ducati во 2017 година. И покрај сите несогласувања, Џарвис смета дека ривалството меѓу двајцата возачи му помогнало на тимот да напредува.

„Ривалството, морам да признаам дека беше многу жестоко. Тешко е да се менаџира кога имате двајца возачи кои се шампиони. Но доколку успеете да се справите со сите предизвици, тогаш добивате тим кој освојува титули.“

„Кога имате компетитивни возачи тоа му помога на целиот тим. Сите се надополнуваат и предизвикуваат меѓусебно. Само треба да се надевате дека работите нема да ескалираат.“

„Кога потпишавме договор со Хорхе, кој тогаш уште беше млад и надежен возач, планиравме да го преземе местото на Роси бидејќи мислевме дека тој ќе премине во Формула 1. Тоа беше во 2006 година. Мислам дека никој не очекуваше дека тој ќе се пензионира пред Роси. Но животот понекогаш е чуден.“

Back To Top