Данило Петручи стигна до победа пред домашната публика во Муџело и си ги зголеми шансите за продолжување на договорот.
Данило Петручи успеа да ги претекне Андреа Довициозо и Марк Маркез во последниот круг на трката во Муџело и да дојде до својата деби победа во MotoGP. Со неа си ги зголеми шансите за продолжување на договорот со фабричкиот тим на Ducati откако претходно се соочи со сериозен притисок од возачот на Pramac Ducati, Џек Милер.
Од Ducati велат дека ќе почнат да го разгледуваат прашањето за тимскиот колега на Андреа Довициозо по завршувањето на трката во Каталуња. Победата во Муџело и третото место на трката во Ле Ман го ставаат Петручи во преден план. Милер повторно не заврши една трка и сега Италијанецот е главен кандидат за местото.
На почетокот на кариерата, Петручи дури и размислуваше да се повлече од трките поради лошите резултати. Како што изјави, можеби MotoGP бил премногу за него и смета дека оваа сезона била одлучувачка. „Ако не можам да победам со фабрички мотоцикл тогаш не би можел да победам со ниту еден мотоцикл.“
„Неколкупати досега размислував на повлекување бидејќи сметав дека не припаѓам на овие трки. Исто така, на почетокот на оваа сезона, бидејќи немам договор за следната година, си направив дополнителен притисок а првите три трки воопшто не беа добри.“
„Андреа многу ми помогна кога ми кажа дека не треба премногу да размислувам за иднината. Размислувај за сегашноста. Обиди се да уживаш во она што го правиш. Фокусирај се на силните страни и работи напорно.“
„Од трката во Херез си реков дека ќе дадам се од себе. Ако тоа е доволно, тогаш во ред. Ако не можам да победам со овој мотоцикл, тогаш нема да можам да победам со ниту еден друг мотоцикл.“

Петручи сега ја исполни целта која му беше поставена од страна на Ducati.
„На почетокот на сезоната имавме состанок со првите луѓе на тимот и ми рекоа дека оваа сезона морам да победам. Денеска повторно се сретнавме и ми кажаа дека морам да победам.“
„Ја исполнив целта за оваа година и сега би можел да кажам дека се чувствувам малку порелаксирано во однос на мојата иднина. Можеме да размислуваме како да го подобриме мотоциклот и да се обидеме на Андреа да му помогнеме да ја освои титулата.“
Довициозо, од една страна не беше задоволен бидејќи загуби бодови во борбата со Маркез но од друга страна беше среќен од победата на својот тимски колега.
„Навистина сум среќен за него. Ова е најдобрата трка во шампионатот и да победиш тука е фантастично“, изјави Довициозо. „Мислам дека оваа победа може да има големо влијание врз тимот.“
Петручи е еден од возачите кои не се натпреварувале во Moto3 или Moto2 сериите и во премиерната класа дојде директно од Суперсток шампионатот каде што беше победник. Во 2012, неговата прва година во MotoGP тој настапуваше за најмалиот тим, Ioda и возеше со најбавниот мотоцикл.
Напорната работа во изминативе години му ја донесоа првата победа во кариерата откако заврши со предност од 0.043 секунди пред актуелниот шампион Марк Маркез.
„Се уште не можам да поверувам дека стигнав до мојата прва победа“, изјави Петручи кој исто како Маркез беше болен викендов.
„На стартот имаше многу возачи кои сакаа добро да ја стартуваат трката. После неколку круга успеав да го преземам водството и се обидов да ја сочувам енергијата и пневматиците за последните неколку круга. Верував дека во последниот круг некој ќе се обиде да ме претекне. И бев во право.“

Откако беше претекнат од двајцата возачи на почетокот на последниот круг, Петручи успеа да се врати и во свиокот број еден успеа во ист момент да ги претекне и двајцата возачи. Во тој момент, дојде и до мал контакт со Довициозо.
„Кога ги видов Довициозо и Маркез како ме претекнуваат, си реков дека не може така. Повторно бев во водство а трката на крајот ќе ја завршам на третото или четвртото место. Потоа тие малку прешироко влегоа во свиокот. Најдов малку простор и решив да одам до крај.“
„Жал ми е за Андреа но знаев дека денеска имам шанса да дојдам до победа.“
Сепак , како што вели Петручи, до крајот на трката очекувал дека некој возач ќе го претекне.
„Пред крајот на трката си помислив дека би можело повторно да ми се случи нешто такво. Прв ќе излезам од последниот круг но сепак трката ќе ја завршам на третото место. Очекував Марк и Дови да ме претекнат но не се случи тоа.“
„Низ целата трка се обидував да ја сочувам енергијата а по завршувањето на трката почнав да викам на цел глас. Тешко ми беше да го извозам последниот круг за публиката бидејќи не можев да дишам.“
Возачот на LCR Honda, Кал Кратчлоу е единствениот друг возач кој не се натпреварувал во помалите категории.
„Петручи ќе му врши голем притисок на Довициозо“, изјави Кратчлоу за време на тестовите во февруари.
Петручи во моментов е на четвртото место во генералниот пласман. Заостанува 21 поен зад Довициозо но има предност од 40 поени пред Милер.

Коментари