Фабио Куартараро вели дека е задоволен од својата прва MotoGP сезона. Очекува следната година да биде уште подобар.

Многумина сигурно би ја оцениле првата сезона на Фабио Куартараро во MotoGP со десетка. Возачот сепак е поскромен во однос на успехот кој го постигна минатата година. Многу малку луѓе знаеа за него кога премина од Moto2 серијата, каде постигна само една победа цела сезона. Сепак, Куартараро многу брзо се снајде со Petronas SRT Yamaha M1.

Пол позиција која ја постигна на четвртата MotoGP трка, беше најава за она што следува. До крајот на сезоната уште седум пати се искачи на подиумот а годината ја заврши на петата позиција со заостанување од 19 бода зад првите тројца возачи.

Иако не постигна ниту една победа, беше многу блиску на трките во Мисано и Бурирам. Признава дека имал неверојатна сезона.

„Минатата година беше неверојатна. Можеби би си дал оценка осум“, вели Куартараро. „Направив две грешки и затоа си дадов послаба оценка. Но тоа ми помогна да научам нови работи. Не треба да се оптеретувам премногу околу резултатите но сепак морам да признаам дека во Австралија или Силверстоун можевме да постигнеме подобар резултат.“

„Направив неколку грешки но и тоа е дел од работата. Така учиме нови работи. Најдобриот дел од минатата година беше пол позицијата на трката во Херез. “

 DSC4747

Французинот сепак му даде повисока оценка на својот тим.

„Секој член на тимот ми помогна полесно и побрзо да се прилагодам.Сите завршија одлична работа. Би дал деветка.“

Иако е скромен во оценките, има многу малку работи кои Куартараро би можел да ги направи подобро во својата прва сезона во премиерната класа. Иако е многу тешко е да се победи Марк Маркез, Французинот во серијата пристигна без големо искуство, екипа но и информации за своите ривали.

Фактот дека ја заврши првата сезона во премиерната класа како возач кој изврши најголем притисок врз Маркез, доволно говори за неговиот потенцијал.

Се до шестата трка во Каталуња, тој ниту еднаш не излета надвор од патеката, вклучувајќи ги и претсезонските тестови. Минатата година тој падна само три пати.

Во текот на 2019 година, 29 пати имаше најдобро време и се најде на второто место веднаш зад Марк Маркез кој 43 пати имаше најдобар резултат.

Следната година го очекува настап со новата машина на Yamaha.

Back To Top