Марко Бецеки триумфираше на последната спринт трка во сезоната 2026 во Валенсија, пред својот тимски колега Хорхе Мартин и Енеа Бастианини на КТМ. Со двојната победа Априлија направи голем чекор кон освојување на својата прва конструкторска титула во МотоГП, додека последната спринт трка во кариерата на Марк Маркез беше одбележана со пожар на неговиот мотоцикл и двојна казна.
Драмата на патеката „Рикардо Тормо“ започна уште пред стартот. Поради технички проблем со стартните светла, возачите останаа подолго од предвиденото на стартните позиции, при што мотоциклот на Маркез се запали. Шпанецот беше принуден да го напушти мотоциклот и да се врати во боксот по резервниот Дукати. Му беше дозволено повторно да стартува од втората позиција, но поради напуштањето на стартниот грид и замената на мотоциклот доби казна од двоен долг круг.
Бецеки недопирлив во Валенсија
По повторениот старт, Бецеки ја искористи пол-позицијата и веднаш го презеде водството, додека Мартин од петтата стартна позиција се проби до второто место. Маркез во првиот дел од трката се бореше со Мартин за втората позиција, но отслужувањето на двете казни го исфрли од борбата за подиумот.
Бецеки ја мина целта со предност од речиси три секунди пред Мартин, а Енеа Бастианини го комплетираше подиумот за КТМ Тек3. Одличен настап имаше и Аи Огура, кој заврши четврти, додека Фабио Ди Џанантонио на петтата позиција беше најдобропласираниот возач на Дукати. Маркез заврши на 13. место, без освоени бодови.
Априлија на чекор до историска титула
Со денешната победа Априлија ја зголеми предноста пред Дукати на 15 бода во шампионатот на конструктори. Италијанскиот производител, кој веќе ја обезбеди титулата во екипна конкуренција, утре има можност за првпат во својата историја да стане шампион меѓу конструкторите во кралската класа.
Доколку утре победи возач на Дукати, на Априлија ќе ѝ биде доволно барем еден од нејзините возачи да заврши меѓу првите пет за да ја обезбеди титулата, независно од останатите резултати.
Отворена останува и борбата за второто место во генералниот пласман. Бецеки сега има еден бод предност пред Мартин, па нивната меѓусебна пресметка ќе биде решена на последната трка од сезоната.
Утрешната трка во Валенсија ќе означи крај на една ера во МотоГП. Покрај одлуката за конструкторската титула, таа ќе биде и последната трка во кариерата на десеткратниот светски шампион Марк Маркез, но и последната трка со актуелната генерација мотоцикли со мотори од 1.000 кубни сантиметри.
Резултати – спринт трка, Валенсија
-
Марко Бецеки – Aprilia
-
Хорхе Мартин – Aprilia
-
Енеа Бастианини – KTM
-
Аи Огура – Aprilia
-
Фабио Ди Џанантонио – Ducati
-
Алекс Маркез – Ducati
-
Педро Акоста – KTM
-
Бред Биндер – KTM
-
Пол Еспаргаро – KTM

Коментари