(Време на читање: 1 - 2 минути)


Марк Маркез е способен уште долго да биде најдобар возач во MotoGP, смета поранешниот GP возач и шампион од WSBK серијата Макс Бијаџи.

Поранешниот GP возач и двоен шампион од WSBK серијата, Макс Бијаџи, очекува Марк Маркез да ги урне сите рекорди во MotoGP.

Маркез минатата сезона ја освои шестата титула во MotoGP шампионатот, негова осма во Гран При серијата. Претходно тој веќе победи во Moto2 и во 125GP. Шпанецот има 26 години и од 127 трки во кариерата тој на првото место завршува на 56. Колку само за споредба, Валентино Роси ја освои седмата титула на 33 години додека пак Џакомо Агостини исто така имаше 33 години кога ја освои осмата титула во премиерната класа.

Токму поради ова Бијаџи вели дека Маркез ќе ги надмине успесите на Роси и Агостини. „Мислам дека Марк ќе биде најдобар уште многу години. Тој е многу млад и верувам дека ќе има повеќе од десет титули.“

 DSC3631

Вели дека единствениот кој би можел да го предизвика е Фабио Куартараро но и напомена дека кај Французинот се уште има простор за напредок.

„Сите велат дека Марк е најдобар и сигурен сум дека е така. Но ако ги погледнете останатите возачи ќе видите дека Куартараро се издвојува. Кај него има голема желба да напредува.“

Во текот на седумте години колку што е дел од најдобрата класа, Маркез освои шест титули. Изминатава сезона само на една трка не се најде меѓу најдобрите двајца возачи на патеката. Во моментов не може со сигурност да се каже кога ќе падне неговата форма, но не поради тоа што ретко кој може да го победи во борбата за првата позиција туку поради фактот дека тој многу ретко не освојува поени.

Најголем ривал може да си биде самиот. Минатата сезона падна само 14 пати што е значително подобрување во споредба со 2018 година кога падна 27 пати. Излетувањата беа само за време на тренинзите и квалификациите кога испробуваше да види до каде е лимитот.

Пред нас се уште неколку сезони за да видиме дали Маркез ќе стигне до двоцифрена бројка на титули. Многумина пак се надеваат дека ќе се обиде и со друга екипа да дојде до титулата.

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: