Доколку останеше жив, тој денеска ќе го прославеше својот 29-ти роденден

На 23.10.2011 на патеката „Сепанг“ за време на трката од Големата награда на Малезија од Мото ГП шампионатот животот го загуби Марко Симончели.

Симончели загина во вториот круг од трката кога загуби контрола над својот мотор, а потоа во него удрија и Колин Едвардс и Валентино Роси. Од силината на ударот на младиот Италијанец му падна кацигата останувајќи да лежи неподвижно на патеката, иако медицинскиот тим брзо реагираше тој им подлегна на повредите еден час подоцна.

558098 BAT foto960

Светот на мотоциклизмот, и спортот воопшто, загуби многу затоа што Италијанецот беше еден од најдобрите возачи, но и еден од најинтересните момци во целиот шампионат. Многумина го сметаа за вистинскиот наследник на Валентино Роси, а и „Докторот“ самиот во повеќе наврати потенцираше дека би сакал неговиот голем пријател на крајот тоа и да биде.

Уште од дебито во класата до 125 кубици во 2002 година во Чешка, Симончели многу ветуваше. Две години подоцна на „Херес“ по дождливо време дојде до првиот триумф. По три полни сезони во најслабата класа премина во класата до 250 кубици, за да во 2008 година стигне до титулата. Следната сезона повторно се бореше за титулата, но му избега за малку пред да мине во кралската класа.

Како возач на Сан Карло Хонда Гресини во првата сезона постигнуваше просечни резултати и шампионатот го заврши на осмото место. Сепак, дека сите можеа да очекуваат многу од него се виде уште на почетокот од шампионатот кога успеа да ги предизвика возачите на Репсол Хонда и Јамаха, но и да си поигра со Роси. Така и дојде првата пол позиција во Каталонија, а потоа првиот подиум во Чешка, за да најдобиот пласман го оствари една недела пред загинувањето со второто место на Големата награда на Австралија.

Во последните години многумина на посебен начин му оддадоа признание на Симончели. Меѓу останатото, оформена е фондација „Марко Симончели“, а патеката во Мизано го доби неговото име.

Back To Top