Откако ја освои MotoGP титулата, Suzuki потврди дека ќе си замине тимскиот менаџер Давиде Бривио.

Давиде Бривио потврди дека ги напушта MotoGP и Suzuki и наскоро се очекува тој да преземе нова позиција, овој пат во Формула 1 серијата.

Откако го предводеше Suzuki до првата титула после 2000 година, се појавија информации дека Бривио ќе го напушти проектот и ќе премине во Alpine F1 екипата.

Иако овие информации останаа непотврдени, излезот на Бривио од Suzuki сега е и официјален. Според Италијанецот ова било тешка одлука но морал да ја донесе бидејќи пред него се појавил нов предизвик.

„Нов професионален предизвик и можност одеднаш се појавија пред мене и решив да ги прифатам“, вели Бривио. „Ова беше тешка одлука.  Најтешко ми паѓа тоа што морам да ја напуштам оваа фантастична група на луѓе со кои го почнав проектот кога Suzuki се приклучи на серијата. Тешко е да се збогуваш со сите кои го креираа овој голем тим.“

„Во тој поглед сум тажен но во исто време во мене има и голема мотивација во однос на новиот предизвик. Тоа беше и одлучувачкиот момент кога размислував дали да ја прифатам понудата.“

„Освојувањето на титулата ќе остане дел од историјата на Suzuki и секогаш ќе има посебно место во мојот живот. Сакам да му се заблагодарам на менаџментот за довербата која ја имаа во мене.  Благодарен сум на секој член на Suzuki и секако на возачите кои во изминатиот период беа дел од тимот.“

Brivio txt 08 01 2021

„Освојувањето на титулата преставува исполнување на мојот сон  а секако истото го мислат и сите кои се дел од екипата.  Му посакувам се најдобро на Suzuki MotoGP и се надевам дека во иднина ќе постигнат уште подобри резултати.  Засекогаш ќе останам фан на Suzuki.“

Бривио беше еден од клучните луѓе кои го убедија Валентино Роси да премине од Honda во Yamaha по завршувањето на сезоната 2003. Тој беше тимски менаџер на „Докторот“ за време на шампионските сезони.

Двајцата ја напуштија Yamaha на крајот на сезоната 2010. Бривио продолжи да работи како консултант во VR46 пред  да ја преземе позицијата во Suzuki.

Италијанецот е особено ценет поради намалувањето на разликата меѓу Јапонсата фабрика и Европскиот тим, потпишувањето на договор со млади возачи како што се Маверик Вињалес, Алекс Ринс и шампионот Жоан Мир.

Сето ова му помогна на Suzuki да успее покрај далеку побогати ривали, освојувајќи ја титулата кај возачите и тимовите во сезоната 2020.

„Мислам дека Бривио заврши одлична работа бидејќи успеа да го искомбинира најдоброто од Јапонија и Италија“, изјави Роси минатата година. „Успеа да ги убеди Јапонците да работат со своите Европски колеги.“

„Кен Каваучи(техничкиот менаџер), Давиде Бривио и јас имаме одличен однос и се движиме по истата насока“, изјави неодамна првиот човек на проектот Suzuki, Шиничи Сахара.

Воопшто нема да биде лесно да се најде соодветна замена за Бривио за толку краток период. Еден од оние кои се наоѓаат на радарот на Suzuki е поранешниот шеф на Ducati и Honda, Ливио Супо.

Супо, кој беше дел од шампионските тимови на Кејси Стонер и Марк Маркез, ја напушти серијата во 2017 година но остави простор еден ден повторно да се врати.

Во тимот на Alpine F1 следната сезона ќе возат двојниот шампион Фернандо Алонсо и Естебан Окон.

Back To Top