Aprilia ги разгледува опциите за тоа кој би можел да го замени Андреа Ианоне во сезоната 2021 а како потенцијален кандидат се јавува Чез Дејвис.

Откако извршниот директор на Aprilia Racing, Масимо Ривола, откри дека тимот размислува да потпише договор со возач кој доаѓа од WorldSBK серијата, веднаш се појавија гласини дека станува збор за Чез Дејвис и дека тој би можел да го замени Ианоне во сезоната 2021.

Италијанскиот тим значително ги намали шансите да дојде до добар возач бидејќи премногу долго чекаше на одлуката во однос на казната на Ианоне. Одговорот на неговата жалба првично требаше да биде познат во Август, но малку подоцна беше одложена за Октомври. На крајот, Ианоне и тимот конечниот одговор го добија во Ноември.

Сега, откако казната беше продолжена на четири години, Алеш Еспаргаро остана единствениот возач на Aprilia.

Андреа Довициозо веќе соопшти дека ќе направи една година пауза а Кал Кратчлоу одбра да биде тест возач на Yamaha.

Ривола веќе неколку пати кажа дека WSBK серијата, каде производителот освои неколку титули пред да премине во MotoGP, е една од опциите за пронаоѓање на нов возач.

„Отсекогаш велев дека нашиот мотоцикл воопшто не е лесен за возење и затоа ни треба возач кој има искуство. Но во MotoGP гледам многу млади возачи и можеби тоа и не е така лоша идеја.“

„Moto2 серијата е многу добра подготовка за MotoGP. Дури и во WorldSBK видовме еден возач кој е многу добар на влажни услови.“

Chez Davis txt 1 17 11

Иако сите фабрички тимови веќе ги имаат одбрано возачите кои ќе настапат за нив во сезоната 2021, неколку возачи од WSBK серијата се уште бараат екипа. Меѓу нив се Дејвис, Лорис Баз и Јуџин Лаверти.

Од овие тројца, Дејвис е најуспешен иако му недостасува MotoGP искуство, за разлика од Баз и Лаверти.

Во минатото тој има стапнато на MotoGP патека но тоа беше пред дури 14 години. Во 2007 година возачот кој доаѓа од Велс беше замена на три трки за тимот на Pramac Ducati.

Со 31 победа во WSBK серијата, седумгодишната соработка меѓу Дејвис и Ducati заврши минатиот месец а понудата на Aprilia сигурно ќе му звучи примамливо. Тука не смее да се заборави и влијанието на Dorna која би сакала да има Британски возач на патеката.

Од друга страна, Баз и Лаверти имаат MotoGP искуство. Французинот Лорис Баз последен пат настапи во шампионатот во 2017 година кога возеше со две години стара машина. Добар резултат имаше и во WorldSBK и покрај тоа што возеше за Ten Kate Racing R1.

Иако Јуџин Лаверти во последниов период не е во најдобра форма, тој помина две години во MotoGP.  Исто така има добра соработка со Aprilia откако заврши на второто место во WorldSBK серијата во 2013 година.

Кој друг возач би можел да премине во Aprilia?

Една од опциите е возачот на VR46 академијата, Марко Безеки. Италијанецот имаше одличен настап изминатава сезона во Moto2 шампионатот и покрај тоа што тоа за него беше само втора сезона во натпреварувањето. Иако заостанува 23 поени зад лидерот на табелата, тој заминува во Портимао на последната трка од сезоната како еден од четворицата возачи кои се уште имаат шанси да ја освојат титулата.

Постојат гласини дека Фабио Џанантонио веќе има потпишано пред договор со Aprilia и дека во сезоната 2022 ќе му се приклучи на Gresini Racing кој би требало да стане сателитски тим.

Тито Рабат има најмали шанси сега откако го загуби местото во Avintia Ducati. Шпанецот вели дека не жали поради тоа, наведувајќи дека нема мотивација повеќе да настапува за нив. Сепак, можноста да настапи за фабричкиот тим на Aprilia сигурно ќе му биде добар поттик.

Меѓу останатите возачи за кои постојат шанса да преминат во Aprilia се Лоренцо Савадори и Бредли Смит.

Back To Top