„Секогаш го имаме овој проблем со задното тркало и се мачиме многу повеќе од Куартараро и Вињалес“ – Валентино Роси

Валентино Роси имаше уште една лоша трка во Арагон и на крајот заврши на осмото место. Италијанецот, исто како и останатите возачи на Yamaha се одлучи да настапи со цврста задна гума, одлука која се покажа како погрешна.

„Знаев дека не сум доволно брз да се борам за место на подиумот но сепак очекував дека ќе бидам подобар“, признава Роси кој квалификациите ги заврши на шестото место.

Иако и неговиот тимски колега Маверик Вињалес како и возачот на Petronas Yamaha Фабио Куартараро кон крајот на трката имаа проблеми со пневматиците, кај Роси проблемите настанаа уште на половина од трката. На крајот, тој заврши со заостанување од 18 секунди зад Вињалес.

„ Куартараро  и Вињалес имаа проблеми на крајот на трката со јас се соочив со проблеми со задната гума после првите 5 или 6 круга. Затоа морав да бидам побавен. “

Иако можеби меката гума, со која настапија возачите кои се најдоа на подиумот, би помогнала, самиот факт дека тој се соочи со ваков проблем уште на самиот старт на трката укажува на тоа дека Италијанецот се уште има проблеми со сетапот на мотоциклот.

„Не се работи за гумите туку проблемот е кај нас, во сетинзите. Во втората половина од сезоната го модификувавме мотоциклот и генерално гледано станав покомпетивен. Сепак, се уште го имаме овој проблем и се мачиме многу повеќе отколку Куартараро и Вињалес.“

„Мораме да продолжиме да работиме и да се обидиме да откриеме како можеме да се подобриме.“

Rosi txt 23 09

За разлика од Вињалес, Роси повторно настапи со новата задна вилушка и издув кои се изработени од јаглеродни влакна.

„Истиот проблем го имав и на трките во Австрија и во Силверстоун“, вели Роси. „Мислам дека нешто друго е проблемот бидејќи само на крајните делови од патеката имам проблеми со задниот дел од мотоциклот. Премногу се лизгам а кога го правите тоа ја оштетувате гумата. Мораме да најдеме начин како да се подобриме.“

Роси останува на шестото место во генералниот пласман но сега заостанува 10 поени во однос на Вињалес, кој на последната трка беше најдобриот возач на Yamaha откако го освои четвртото место.

Шпанецот не можеше да се одбрани од нападите на Андреа Довициозо и Џек Милер, особено на правите делови од патеката.

Роси потврди дека максималната брзина останува главен приоритет на Yamaha во сезоната 2020.

„Многу е полесно ако сте брз на правите делови од патеката. Така имате помалку борба ако сакате некого да претекнете.“

„Знаеме дека тоа ни е слаба страна и напорно работиме за да се подобриме. Тоа воопшто не е лесно бидејќи разликата со другите тимови е голема .“

Back To Top