Алекс Маркез признава дека ќе ги искористи податоците од неговиот тимски колега и брат, Марк Маркез, за да биде побрз во 2020 година.

Алекс Маркез вели дека ќе се обиде максимално да ги искористи податоците од неговиот брат и тимски колега, Марк Маркез, со цел да ја освои наградата за најдобар дебитант следната година.

Актуелниот Moto2 шампион го презеде местото на Хорхе Лоренцо во екипата на Repsol Honda. Изразувајќи задоволство што успеал да дојде до оваа престижна позиција, Маркез признава дека ќе го искористи искуството но и податоците на неговиот брат со цел следната година да биде побрз.

„Ова е специјален момент но мораме нормално да и пристапиме на ситуацијата“ вели Маркез. „Браќа сме но мораме да бидеме професионални. Ние сме различни возачи. Секој има свој тим и работиме на различни начини.“

„Секако дека ми е голема предност тоа што покрај мене во гаражата ќе биде и шесткратниот шампион. Ќе се обидам тоа да го искористам максимално а истото им го советувам и на другите возачи на Honda.“

Alex Marquez txt 04 01

„Можам да кажам дека сакам да ја освојам наградата за дебитант на годината. Тоа ми е првата цел. Но во моментов сум фокусиран да го научам мотоциклот и да ја подобрам самодовербата. Повеќе работи ќе бидат познати пред трката во Катар.“

Маркез реално може да стигне до наградата за дебитант на годината со оглед на тоа дека следната сезона ќе има само тројца нови возачи. Покрај него тука се и Бред Биндер и Икер Лекуона, кој ќе настапуваат со машината на КТМ која не е толку конкурентна.

Но тој би требало да цели многу повеќе, можеби дури и места на подиумот. Сепак во моментов тоа е тешко да се каже бидејќи Honda RC213V беше одлична во рацете на Марк Маркез но Хорхе Лоренцо имаше проблем да се справи со мотоциклот. Иако Маркез не ги делеше податоците со Лоренцо, ситуацијата сигурно ќе биде поинаква со неговиот брат.

Двајцата возачи сепак ќе мораат да си го заслужат местото во тимот и веќе изјавија дека имаат посебни екипи со кои ќе работат. Но во однос на хармонијата внатре во тимот како и правецот на движење, овие двајца возачи сигурно ќе имаат позитивно влијание врз Honda.

Back To Top