На интернет се појавија фотографии кои покажуваат дека Kawasaki тестира нов H2 SX SE+ кој ќе биде опремен со најнова технологија.

H2 SX беше главен модел кога прв пат се појави кон крајот на 2017 година. Но, технологијата од тогаш има отидено значително напред. Од Kawasaki велат дека не сакаат само да се обидат да ги стигнат конкурентите туку повторно да се најдат на врвот.

Доколку го погледнете предниот дел од мотоциклот, сигурно ќе забележите дека има промени. Под школката има еден дел кој се чини дека е радарот. Од Kawasaki признаа дека соработуваат со Bosch со цел нивните машини да бидат опремени со „cruise control radar“ и се чини дека H2 SX е првиот од нивните модели кои ќе ја добијат оваа опција.

Kawasaki H2 SX spy 2

Ако не сте запознаени со системот, сензорот може да ги детектира возилата кои се наоѓаат пред вас и доколку е потребно да ја намали брзината. Откако ќе го нема возилото, системот може да забележи дека патот пред вас е чист и повторно ја зголемува брзината. Но она што е најинтересно е малата камера која се наоѓа на предниот дел од мотоциклот.

Kawasaki веќе има аплицирано за патент кој содржи камера која го скенира патот и ја подготвува електрониката за она што следува. Тој патент е испробан и кај H2 SX и се чини дека работите се одвиваат по добра насока.

Според патентот, системот користи камера која заедно со GPS системот, ги следи работите на кои возачот треба да реагира. На пример, ако камерата забележи свиок, GPS системот покажува каков е тој. Ако мотоциклот се движи со поголема брзина тогаш системот може да предвиди дали ќе биде потребно посилно сопирање.

Kawasaki H2 SX spy 3

За да се подготви за такво нешто, мотоциклот би можел да влијае на суспензијата за подобро сопирање а потоа и забрзување. Исто така може да ја намали и реакцијата на гаста за тркалото на мотоциклот да не ја прекине тракцијата. Ова е прилично напредна технологија, но таа веќе постои.

Во патентот, системот се потпира на вграден навигациски систем. На фотографиите може да се забележи и дека мотоциклот има голем TFT екран. Кај постарата верзија имаше аналоген TFT екран.

А со оглед на тоа дека од Kawasaki соопштија дека актуелната верзија нема да биде во согласност со Euro5 стандардот, очекуваме да ја видиме оваа машина кон крајот на 2021 година. Но сета оваа технологија има и своја цена. Актуелниот H2 SX SE+ се продава по цена од 25.500 евра а целосно опремената машина би требало да достигне цена од 27.700 евра.

Back To Top