Honda направи значаен чекор кон пласирање на својот нов спортски мотоцикл со четирицилиндричен агрегат на европскиот пазар. Моделот CBR500R Four, кој досега беше достапен исклучиво на кинескиот пазар, официјално доби европска типска хомологација, што отвора пат за негова продажба во Европа.
Хомологацијата со број e4*168/2013*00201*00 е издадена на 29 септември од страна на холандската институција RDW. Иако Honda сè уште нема дадено официјално соопштение за европската премиера, се очекува моделот да биде претставен на претстојниот саем EICMA во Милано, кој ќе се одржи од 3 до 8 ноември 2026 година, а на кој ние ќе присуствуваме.
Моделот, кој во холандската документација е заведен под трговското име CBR500ZAC (типска ознака PC79), се произведува во Кина од страна на Wuyang-Honda, заедничката компанија на јапонскиот производител во Гуангжу. Ова го прави CBR500R Four еден од моделите на Honda што се произведуваат во Кина за глобалниот пазар.
Технички спецификации и перформанси
Срцето на овој мотоцикл е новиот линиски четирицилиндричен агрегат со работна зафатнина од 502 кубика, кој ги исполнува Euro 5+ стандардите. Според податоците од хомологацијата, европската верзија развива максимална моќност од 72 КС (53 kW) при 11.000 вртежи во минута, што е за нијанса повеќе од кинеската спецификација. Максималната брзина на моделот е декларирана на 210 км/ч, додека неговата тежина изнесува 188 килограми.
За споредба, кинеската верзија на овој модел располага со 71 КС (52,8 kW) при 11.000 вртежи во минута и 47,5 Nm вртежен момент при 10.000 вртежи во минута. Мотоциклот користи резервоар од 14 литри, висината на седиштето е 780 мм, а опремен е со гуми со димензии 120/70-17 на предното и 160/60-17 на задното тркало.
Наменет за возачи со „полна“ А категорија
За разлика од актуелниот CBR500R, кој користи паралелен твин агрегат со 35 kW и е прилагоден за А2 категоријата, новиот CBR500R Four со своите 53 kW припаѓа во категоријата L3e-A3. Тоа значи дека е наменет за возачи со „полна“ возачка дозвола, бидејќи во хомологацијата не е предвидена верзија со ограничена моќност од 35 kW.
Иако сè уште не е официјално потврдено што означува додавката „ZAC“ во името, се шпекулира дека буквата „C“ би можела да се однесува на E-Clutch технологијата, која е стандарден дел од кинеската изведба на овој модел.



Коментари