BMW Motorrad го претстави новиот F 450 R, компактен нејкед модел развиен за A2 категоријата. Со 48 КС, 175 kg тежина подготвен за возење и дизајн инспириран од S 1000 R, новиот модел треба да понуди спортски карактер во подостапен формат.
Новиот BMW F 450 R ја користи истата основа како F 450 GS, но со шасија, ергономија и сетирање прилагодени за асфалт.
Во срцето е новиот паралелен двоцилиндричен мотор со зафатнина од 420 cc, кој развива 48 КС при 8.750 вртежи и 43 Nm при 6.750 вртежи. BMW наведува дека околу 80 проценти од вртежниот момент се достапни веќе од 3.000 вртежи.
Со тежина од само 175 kg подготвен за возење, F 450 R има солиден однос меѓу моќноста и тежината за A2 класата.
До 350 km автономија
Резервоарот собира 14 литри, а декларираната потрошувачка е 3,8 l/100 km. Според BMW, тоа овозможува автономија од повеќе од 350 километри.
Менувачот е шестстепен, а кај сите верзии освен основната се добива и Shift Assistant Pro за менување степени без користење на куплунг.
Како опција се нуди и Easy Ride Clutch, систем кој автоматски ја контролира спојката според вртежите на моторот. Во комбинација со Shift Assistant Pro, возачот може да тргнува, запира и менува брзини без рачно користење на рачката за куплунг, иако таа и понатаму останува на располагање.
ABS Pro и три режими на возење како стандард
Во стандардната опрема се вклучени Rain, Road и Dynamic режими на возење, ABS Pro, Dynamic Traction Control, Dynamic Brake Control и систем за контрола на моторното сопирање.
Напред се користи 43 mm KYB upside-down вилушка, а назад алуминиумска двострана со KYB централен амортизер.
Сопирањето напред е доверено на Brembo четириклипна моноблок клешта и диск од 310 mm, додека назад има диск од 240 mm.
790 mm висина на седиштето
Стандардното седиште е поставено на 790 mm, но ќе бидат достапни и пониска варијанта од 775 mm и повисока од 810 mm.
Опремата вклучува LED светла, греани рачки, USB-C приклучок и 6,5-инчен TFT дисплеј со поврзување со телефон, навигација, музика и телефонски функции.
BMW F 450 R ќе се нуди во четири верзии: Base, Exclusive, M Sport и M Sport со Innovation Package.
Со F 450 R, BMW директно влегува во еден од најинтересните сегменти за млади и A2 возачи, но без моделот да изгледа или да биде опремен како класичен „почетнички“ мотоцикл.





Коментари