(Време на читање: 2 - 4 минути)


Македонските мотоциклисти го заокружија тркачкиот викенд на A1 Motor Park во Бугарија, со кој заврши сезоната во брзински мотоциклизам за 2026 година. Христијан Бузалковски, Петар Мијалков, Синиша Кочоски и Слободан Ивчески имаа свои причини за задоволство по последните трки од сезоната, со подиуми, лични рекорди и значајни пласмани во различните шампионати.

825292281 1074154118706772 8940649788558206563 nКочоски #64, Бузалковски #71, Мијалков #24

Бузалковски со подиум и европска вицешампионска титула

Во класата STK1000, Христијан Бузалковски имаше одличен завршен викенд. Во првата трка од Alpe Adria International Motorcycle Championship заврши на четвртото место, додека во втората трка се искачи на подиумот со третото место.

Во неделната трка Бузалковски беше само 0,167 секунди зад второпласираниот Бартломеј Морански, а неговиот најдобар круг беше 1:38.183.

Резултатите од финалето беа доволни Бузалковски да ја заврши сезоната како FIM Europe STK1000 вицешампион за 2026 година. Воедно, тој сезоната ја заокружи и со својата шеста национална шампионска титула, како и со првиот подиум во Alpe Adria IMC.

Во рамки на BMU European Road Racing Championship, Бузалковски во последниот викенд освои две втори места во STK1000, со што сезоната ја заврши на третото место во BMU STK1000 со 135 поени.

825278926 1502044608645744 643768579853762239 nБузалковски и Кочоски на подиумот

Мијалков со нов личен рекорд и три подиуми

Петар Мијалков го заврши првиот STK1000 натпревар на осмото место во Alpe Adria, а во втората трка напредуваше до шестата позиција. Во рамки на BMU конкуренцијата, тоа беа шесто и четврто место, со што по последната рунда Мијалков ја заврши сезоната на петтото место во BMU STK1000 со 102 поени.

Сепак, за него резултатите не ја раскажуваат целата приказна. Мијалков во Бугарија успеа да постави и нов личен рекорд на патеката, а викендот го заврши со вкупно три подиуми во различните класификации.

„Поздрав екипа, успешно заврши тркачкиот викенд, последен за оваа сезона. Не можам да кажам дека не сум задоволен, успеав да забележам мој личен рекорд на стазата во Бугарија. Стигнав до три подиуми. Фала му на Господ, се прибираме здрави и живи дома и почнуваме да работиме на проектот за 2027 година. Поздрав до сите.“

Со тоа Мијалков веќе го свртува вниманието кон следната сезона и проектот со кој планира да настапува во 2027 година.

825340618 1428261439258474 2043329832261053480 nПетар Мијалков со личен рекорд во Бугарија

Кочоски со силна прва трка

Синиша Кочоски исто така имаше добар настап во првата STK1000 трка. Тој заврши веднаш зад Бузалковски, на петтото место во генералниот пласман на Alpe Adria, со најдобар круг од 1:40.584.

Синиша Кочоски исто така имаше добар настап во првата STK1000 трка. Тој заврши веднаш зад Бузалковски, на петтото место во генералниот пласман на Alpe Adria, со најдобар круг од 1:40.584. Во BMU конкуренцијата значеше трето место и нов подиум. Во втората трка Кочоски не успеа да стигне до целта и го заврши настапот по пет извозени круга.

Со освоените бодови од финалето по последната рунда, Кочоски ја заврши сезоната на осмото место во BMU STK1000 со 79 поени.

И покрај незавршената втора трка, Кочоски го затвори викендот со уште еден силен настап во сезоната во која редовно беше дел од борбата во STK1000.

Цобо прв во македонскиот шампионат во класата 600

Слободан Ивчески – Цобо настапи во CUP600, каде во првата трка заврши на шестото место. Борбата беше исклучително тесна – Цобе ја мина целта само 0,165 секунди зад петтопласираниот Давид Спасојевиќ.

Во втората трка Ивчески го освои деветтото место.

Покрај меѓународните настапи, Цобе викендот го заврши и со подиум во рамки на Македонскиот Open шампионат, а сезоната ја заокружува како првопласиран во македонскиот шампионат во класата 600.

По последната трка тој им се заблагодари на сите компании и луѓе кои му помогнале во текот на сезоната, а воедно најави дека плановите за 2027 година се уште поамбициозни.

„За 2027 година одиме на трки појако – SBK.“

Ивчески ја завршува сезоната на шестото место во BMU European Road Racing Championship, класа F600, со 79 поени.

cobo bugarijaИвчески со пехарот за првото место во Македонскиот отворен шампионат (класа 600)

Крај на сезоната, но веќе се гледа кон 2027

Со финалето во Бугарија заврши уште една сезона во која македонските возачи беа присутни на трките од регионалните и европските шампионати.

Бузалковски ја носи дома титулата европски вицешампион, Мијалков сезоната ја затвора со нов личен рекорд и три подиуми од последниот викенд, Кочоски уште еднаш покажа дека може да биде во самиот врв на STK1000 конкуренцијата, а Ивчески ја завршува годината како првопласиран во македонскиот шампионат во класата 600.

Сезоната 2026 е завршена, но според најавите од македонските возачи, подготовките за 2027 практично започнуваат веднаш.

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: