Христијан Бузалковски ја заврши сезоната 2026 со еден од најголемите успеси во својата кариера – вицешампионска титула во FIM Europe STK1000.
Македонскиот натпреварувач на последниот тркачки викенд од сезоната во Бугарија влезе со јасна задача - во двете трки мораше да заврши пред директниот конкурент за второто место во генералниот пласман, Швајцарецот Јан Дамонд.
Притисокот беше голем, но Бузалковски го направи токму тоа што му беше потребно.
Во саботната трка заврши втор во рамки на FIM Europe STK1000 и ја зголеми предноста во однос на својот директен конкурент, со што во недела влезе во финалната пресметка со пет поени предност.
„Морам да признаам дека сè уште сме под импресии, бидејќи остваривме историски успех за брзинскиот мотоциклизам во Македонија. Овој викенд беше еден од потешките, гледано од психички аспект, затоа што морав да го победам конкурентот од Швајцарија во двете трки за да ја освојам вицешампионската титула.“
Но во пресрет на последната трка, Бузалковски веќе размислувал и за уште една цел која ја посакувал цела сезона – подиум во Alpe Adria International Motorcycle Championship.
„На првата трка во саботата завршив втор на FIM, а мојот конкурент петти, со што ја зголемив предноста на пет бодови. Тогаш на мојот тим им реков: утре возам за подиум на Alpe Adria, па макар и да го изгубам вицешампионското место. Толку го сакав овој подиум што дадов сè од себе за да го освојам.“
Борба до последниот круг
Неделната трка беше токму онаква каква што може да посака секој љубител на мотоциклизмот – тесна, неизвесна и решена во последниот круг.
Бузалковски во текот на трката беше во групата која се бореше за втората, третата и четвртата позиција, со разлики од само неколку десетинки.
Во последниот круг успеа да го помине хрватскиот конкурент Леон Јурчак уште во втората кривина, а веднаш потоа тргна во напад и на Бартломеј Морански за второто место.
„Борбата беше до последниот круг. Неизвесно беше кој ќе биде втор, трет или четврт бидејќи сите бевме многу блиску. Во последниот круг го претекнав конкурентот од Хрватска уште во втората кривина и веднаш тргнав во напад за втората позиција.“
„На влезот во третиот сектор имав мала шанса да влезам, но конкурентот од Полска убаво ја затвори кривината и немаше место. Морав да прикочам и да го пропуштам за да не направам грешка.“
На крајот Бузалковски ја мина целта на третото место во Alpe Adria STK1000, само 0,167 секунди зад второпласираниот Морански. Неговиот најдобар круг беше 1:38.183.
Со тој резултат го освои и второто место во FIM Europe STK1000 на последната трка и ја потврди вицешампионската титула за сезоната 2026.
„Завршив трет на Alpe Adria и втор на FIM со разлика од една десетинка. Емоциите не можеа да се опишат после оваа трка. Ова беше можеби мојата најдобра трка во кариерата.“
Прв Alpe Adria подиум и европска вицешампионска титула
Покрај европската вицешампионска титула, викендот во Бугарија за Бузалковски донесе уште еден важен момент – неговиот прв подиум во Alpe Adria International Motorcycle Championship.
Во првата трка од викендот беше четврти во Alpe Adria STK1000, додека во втората стигна до третото место и подиумот што, според неговите зборови, го посакувал исклучително многу.
Бузалковски викендот го заокружи и со шестата национална шампионска титула, а според пресметката по последната рунда ја завршува и BMU STK1000 сезоната на третото место.
Но најголемиот резултат останува второто место во конечниот пласман на FIM Europe STK1000 за 2026 година.
„Публиката, коментаторите и сите присутни буквално урлаа додека траеше трката. Фала ви на сите од срце за поддршката!“
За Бузалковски ова е крај на сезона во која резултатите доаѓаа постепено, но финалето донесе сè на едно место – европска вицешампионска титула, прв подиум во Alpe Adria, трето место на БМУ, национална титула и трка која самиот ја опиша како можеби најдобрата во својата кариера.
FIM Europe STK1000 Vice Champion 2026 – Христијан Бузалковски.





Коментари