На првата трка од Источно Европскиот шампионат во мотокрос нашиот натпреварувач Христијан Илиоски го освои третото место.
На првата трка од Источно Европскиот шампионат во мотокрос нашиот натпреварувач Христијан Илиоски го освои третото место.
Викендов патеката Серес во Грција беше домаќин на првата трка од Источно Европскиот шампионат на која настапија 75 возачи поделени во 5 класи: MX1, MX2, MX, MX65 и MX85.
МФМ беше претставувана од 7 возачи од кои 5 Македонци, еден Грк и еден Црногорец. Немавме претставник единствено во класата МХ65, но затоа пак во МХ85 го имавме фантастичниот Андријан Ристески кој едноставно немаш среќа овој викенд. Андријан не ја заврши првата трка заради скинат ланец, а на втората по само неколку кругови кога беше на петтата позиција и атакуваше на четвртата неговиот мотор едноставно запре. Навистина штета за него, но не треба да се обесхрабрува бидејќи од она што имавме прилика да го видиме, со сигурност можеме да кажеме дека пред него е светла иднина и очекуваме големи резултати веќе од следната трка.
Резултати:
Во класата МХ (МХ3) Македонија имаше двајца претставници, Борче Костов - Жолт и Гркот Петрос Танусис кој настапи со наша лиценца. Во класата на ветераните Костов финишираше на петтата позиција, а Танусис вкупно беше петти што претставува одличен резултат.
Резултати:
Во класата МХ2 имавме двајца претставници, нашиот Христијан Станкович и Црногорецот Виктор Иванович. Станкович заврши на 14-та позиција (од 18 возачи во класата), но она што е важно е искуството кое тој го собира од трка на која присуствуваат врвни возачи додека за него ова е прва трка во оваа класа на меѓународен план.
Вториот претставник на МФМ, Виктор Иванович имаше одличен настап во јаката конкуренција освојувајќи го петтото место на втората трка во МХ2. Младиот Иванович покажа одлични вештини, а неговото возење е значително подобрено од она што го видовме минатата сезона.
Резултати
Во најсилната класа МХ1 видовме одлична борба и најава од нашиот Христијан Илиоски дека оваа сезона ќе атакува на првите позиции. Нашиот Гоце Томовски возеше под своите можности во првата трка и притоа го освои деветото место, додека пак на втората трка заради проблеми со моторот кој изгаси пред самиот старт на трката тој започна од последната позиција за на крајот да финишира на осмото место. Сепак Томовски покажа одлично возење на втората трка и притоа беше очигледно дека е во одлична физичка подготвеност бидејќи најбрзите времиња ги забележа на последните кругови кога сите други возачи го намалија темпото.
Нашиот најдобар натпреварувач Христијан Илиоски на најдобар можен начин се врати на меѓународната сцена. Првата трка од шампионатот ја заврши на третата позиција притоа освојувајќи нов пехар. Кико на квалификациите во саботата забележа најдобро време кое беше за 0,7 делови од секундата подобро од она на второпласираниот Тотев Тодор од Бугарија, но на првата трка токму Тотев беше човекот кој изби на чело на колоната и до крајот не ја испушти победата од рацете. Во втората трка првото место му припадна на Романецот Адриан Радута кој извозе одлична трка. Илиоски на втората трка возеше на третата позиција притоа успеа да му се доближи на само една секунда од второпласираниот Тотев но недоволните подготовки си го направија своети и Илиоски остана на третата позиција.
Илиоски настапи на оваа трка без подготовки како што тоа го имаат другите возачи со кои тој се бори за челните позиции, финансиите се како и секојпат главен проблем па се надеваме дека конечно оваа сезона Кико ќе најде достоен спонзор кој ќе го помогне неговиот успех на меѓународен план.
Резултати:
Да потсетиме дека Кико ги има титулите од Источно Европскиот шампионат во класите МХ2 и МХ2 - јуниор, беше балкански шампион во класата МХ85 и стана првиот македонец кој донел бод од Светкиот шампионат во мотокрос. Се надеваме дека на листата на успеси оваа сезона Илиоски ќе ја впише и шампионската титула во класата МХ1.
Целата галерија од трките можете да ја најдете во делот „Слики“ на Мотори.ком.мк