Македонскиот мотоциклист Слободан Ивчески – Цобо со два пласмани на подиумот го заврши тркачкиот викенд на легендарната патека Истанбул Парк во Турција, каде се возеа 11. и 12. рунда од BMU European Road Racing Championship.
Ивчески настапи како единствен македонски претставник на овој тркачки викенд и во двете трки во класата F600 стигна до третото место, додавајќи уште два подиума во својата долгогодишна тркачка кариера.
Резултатот добива дополнителна тежина ако се земе предвид моторот со кој настапува Цобо. Додека голем дел од конкурентите располагаат со значително понови мотоцикли, македонскиот возач и понатаму се бори со машина стара речиси две децении.
Моторот е стар 20 години и едноставно не оди како новите мотори што ги возат конкурентите.Изјави Ивчески по завршувањето на викендот.
И покрај големата разлика во техниката, искуството повторно го донесе Цобо до подиумот. Според објавените резултати од BMU, во F600 меѓу најбрзите на Истанбул Парк во неговата класа беа и турските возачи Ердем Демироглу и Бариш Алсанчак, а Ивчески го освои третото место. BMU викендот во Истанбул беше дел од 11. и 12. рунда од овогодинешниот БМУ шампионат.
На Истанбул Парк викендов се возеа трки во повеќе категории – од SSP300 и SSP600, преку STK600 и STK1000, до F600, F1000 и SBK. Патеката е една од најпознатите во регионот и во минатото беше домаќин и на трки од Супербајк и МотоГП шампионатите.
Следната цел – премин во SBK
За Цобо, сепак, овие резултати не се крајната цел. Планот за следната сезона е да направи чекор напред и да се натпреварува во SBK класата, но за тоа ќе биде потребен и нов, конкурентен мотоцикл.
Неговата желба е да настапува со Aprilia RSV4, доколку успее да обезбеди спонзор или партнер кој ќе помогне во набавката на мотоциклот.
Тоа, всушност, е и најголемиот проблем со кој со години се соочуваат македонските мотоциклисти. Талентот и желбата за тркање постојат, но настапите на меѓународна сцена бараат сериозни средства – од патувања, до гуми, масла, резервни делови и, пред сè, конкурентен мотор.
Ивчески во моментов има поддршка од Afektli, PSS, Adora, Akumulatori.mk, Petronas, Moto Market Prilep, Gonet и Мотоциклистичката федерација на Македонија, помош која му овозможува да стигне на трките и да покрие дел од трошоците за делови и потрошен материјал.
Но, за следниот чекор ќе биде потребно нешто повеќе.
Можеби токму овие два подиума од Истанбул се добра прилика и за домашните компании, увозници и застапници на мотоцикли да погледнат малку посериозно кон македонскиот мото спорт. Цобо веќе покажа дека и со мотор стар речиси 20 години може да стигне до подиум – замислете што може да направи со современа и конкурентна машина.
А амбицијата за настап во најсилните класи кај Ивчески не е нова. Уште пред неколку години во интервју за Motori.com.mk тој зборуваше дека неговата крајна цел е настап на Супербајк трка. Сега, по уште еден успешен викенд на меѓународна сцена, следниот чекор повторно е јасен – нов мотоцикл за сезоната 2027.

Коментари