Тројца македонски мотоциклисти настапија изминатиот викенд на патеката Кремона во Италија, во рамки на четвртата рунда од Alpe Adria International Motorcycle Championship и FIM Europe Superstock 1000 European Cup.
Христијан Бузалковски, Синиша Кочоски и Петре Мијалков беа дел од силната меѓународна конкуренција на патеката долга 3,768 километри, која е дел и од календарот на WorldSBK.
Викендот се возеше во исклучително тешки услови, со температури кои достигнуваа 38-40 степени, но македонските возачи успешно ги завршија сите три трки.
Најуспешен беше Христијан Бузалковски, кој викендот го заврши со три трети места во FIM Europe класификацијата.
Важно е да се напомене дека трките на Кремона истовремено се бодуваа за Alpe Adria и за FIM Europe European Cup. Во вкупниот Superstock 1000 пласман настапија 12 возачи, а половина од нив се бодуваа за FIM Europe.
Во првата трка Бузалковски заврши шести во вкупниот поредок, но беше трет меѓу возачите кои се бодуваа за FIM Europe. Синиша Кочоски ја заврши трката на осмата позиција, додека Петре Мијалков беше 11-ти.
Слична слика имаше и во неделната спринт трка. Бузалковски повторно беше шести во генералниот пласман и трет во FIM Europe класификацијата, Кочоски заврши седми, а Мијалков 11-ти.
Најдобриот вкупен резултат за македонските претставници дојде во втората главна трка.
Бузалковски стигна до петтото место во генералниот пласман, а во FIM Europe бодувањето повторно го освои третото место. Кочоски беше веднаш зад него, на шестата позиција, додека Мијалков ја заврши трката како десетти.
За Бузалковски викендот започна добро уште од четвртокот. Македонскиот возач и неговиот тим брзо пронашле добра основа за сетапот на BMW-то, а во квалификациите тој постави личен најбрз круг од 1:35.4.
Во првата трка, како што самиот истакна по завршувањето на викендот, неколку грешки го чинеле подобар вкупен резултат. Во спринтот имал добар старт и во еден момент бил на втората позиција, пред на крајот повторно да стигне до третото место.
Особено интересна била последната трка, во која Бузалковски по стартот се искачил на втората позиција во FIM Europe пласманот односно четвртата во генералниот поредок.
Пробав да останам цела трка позади него и да ја вратам позицијата, но не успеав. Повторно завршив трет на FIM и топ 5 на Alpe Adria, со извозено одлично темпо во текот на целата трка на екстремно високи температури напиша Бузалковски по завршувањето на викендот.
Настапот на македонскиот возач доби простор и на официјалниот сајт на FIM Europe, каде Бузалковски е директно споменат во извештајот од Кремона по освоеното петто место во втората Superstock 1000 трка.
Покрај трите подиуми на Бузалковски, добар впечаток остави и Синиша Кочоски, кој во сите три трки беше во топ 8, а викендот го заокружи со шестото место во втората трка, веднаш зад Бузалковски.
Петре Мијалков, пак, ги заврши сите три настапи во тешките услови на Кремона, со 11-то место во првата и спринт трката, и десетта позиција на последната трка.
Следниот предизвик за македонските возачи во Alpe Adria и Европскиот шампионатот е закажан за 4-6 септември на Slovakia Ring, каде ќе се вози следната рунда од сезоната.

Коментари