Во продолжение ќе прочитате како правилно се вади кацига од глава на мотоциклист повреден во сообраќајна незгода.
Заштитната кацига се вади само кога повредениот:
- е во бесознание
- повраќа
- не дише и е потребно да се применат мерки за оживување
- постои надворешно крварење или тешки повреди на главата.
Невнимателно вадење на заштитната кацига е многу опасно, бидејќи повредите на главата многу често се пропратени со повреди на вратиот 'рбет.
При вадење на кацига потребна е помош од друго лице.
- Ако повредениот е во бесознание, првиот спасител клечи зад главата на повредениот и со двете раце ги држи долната ивица на кацигата и долната вилица, со цел стабилизирање на положбата на главата.
- Вториот спасител стои странично на колена и го отвора визуелниот дел на кацигата (прозорчето) и го откопчува каишот на кацигата.
- Потоа вториот спасител ја прифаќа главата и вратот на повредениот, со цел кога првиот спасител ќе ја повлече и извлече кацигата, главата на повредениот да не падне директно на подот.
- Откако првиот спасител ќе ја извади кацигата со влечење кон нагоре, тој ја држи главата на повредениот и вратот во стабилна положба (дланките се поставени преку ушите), се додека вториот спасител го заврти повреденениот во странична положба.
- Потоа во повеќе наврати се проверуваат виталните функции (свест, дишење, работа на срце).
- Повредениот треба да се покрие со ќебе и што е можно побрзо да се повика Итна Медицинска Помош.
Референца: Прва Помош, Црвен Крст На Република Македонија, прирачник за возачи, секција 5.5 стр. 15