Денешниот превентивен мирен протест на скопските моторџии крена многу врева на социјалните мрежи, партиските мегафони на власта застанаа во одбрана, а опозиционерските во напад на градскиот татко. И едните и други згрешија.
К О Л У М Н А
Денешниот превентивен мирен протест на Скопските моторџии крена многу врева на социјалните мрежи, партиските мегафони на власта застанаа во одбрана, а опозиционерските во напад на градскиот татко. И едните и други згрешија, бидејќи не се моторџии.
Згрешија затоа што нас моторџиите не води една повисока мисла од партиската наредба, згрешија затоа што една третина од тие што денеска беа на протест се симпатизери/членови на СДСМ, друга третина се симпатизери/членови на ДПМНЕ, а третатата третина се неопределени/не ги заболе за партија. Ама сите тие стотици мотоџии кои денеска ги видовте пред канцелариите на Град Скопје имаат една заедничка болест - моторите.
Да бидеш моторџија не е нешто што можеш да го разбереш/објасниш, или си или не си. Со сила никој не станал, со сила никој не останал. Секако, тука се и оние кои не се хард-кор моторџии, но ја согледале предноста на превозот на две тркала - побрз трансфер од точка А до точка Б, по економично превозно средство и превозно средство за кое не треба да се замараш за паркинг.
Градскиот татко реши да го среди хаосот во Скопје, имал 289 поплаки за моторџиите. Одлично, те молам Петре пиши ми во коментар колку од тие 289 поплаки беа за паркирани мотоцикли? М? Или беа за дивајчко возење и урлање? Петре, ние самите сме против дивјачко возење и урлање, впрочем во изминатиов период имаше неколку акции на МВР за запленување и казнување на „моторџии“ (читај семафорџии) кои дивееја по скопските улици. Дали ти Петре прочита некој некаде да се пожали на тоа? Дали некој клуб или поединец реагираше на тоа? Не бе Петре, и ние сме семејни луѓе, ние имаме деца, баби, ние имаме луѓе кои сакаат да одморат и ние сме луѓе кои сакаат да си ги пуштат децата на улица без да стравуваат. Петре пријавите не ти се за нас, немој да мешаш моторџии и семафорџии.
НИКАДЕ во Европа не се плаќа јавен паркинг за мотори, се плаќа во некои градови само на места на кои мотоциклите се осигурани од евентуална штета. Петре, муабетот дека оваа година нема да се плаќа, а следната ќе се плаќа симболично, не поминува. Не ни е нас за 5-7 денари, како што ти пишаа и твоите партиски следбеници на социјалните медиуми, некои од нас имаат мотори од 20.000 евра, некои имаат од 1.000, ама за 5-7 денари на никого не му дошло. Впрочем во 2012 година кога Општина Центар се обиде да воведе платен паркинг за мотоцикли се договоривме секој ден да си ги паркираме моторите на местото на кое општинарите паркираат. Ќе си плаќавме секој ден, по цел ден, не ни беше проблем, не ни е ни сега, да разберат/разберете дека ние не сме стиснати, само не сакаме никој да не дупи во здрав памет. Сакаме подобар сообраќај во градот за сите!
Во Европа, каде просечната плата е 3.000 евра на никого не би му пречело да плаќа на пример 1 евро за паркинг така? Така. Ама гледаш таму не се плаќа. Кој и да ти ја дал идејата за наплата на паркингот направил кардинална грешка во анализата (ако воопшто ја направил). Петре ти треба да ги мотивираш луѓето да возат мотоцикли. Ти си татко на град во кој сообраќајниот шпиц трае цел ден, па би требало да се ангажираш да го намалиш тоа, а не со наплаќање на паркинг да ги демотивираш и оние малкумина кои се одлучиле да го одберат превозот на две тркала.
Возењето мотор е добро за сите, докажано е тоа, така да Петре, обиди се со субвенции за електрични скутери, обиди се со мотивирање на граѓаните преку промоција на превозот на две тркала, едукација за возењето, кампањи за безбедност во сообраќајот, како на мотоциклистите, така и на останатите учесници во сообраќајот.... бенефит ќе имаат сите. Со наплата на паркингот за мотори од следната година, ниту јас, ниту некој друг од мото светот кај нас разбира кој ќе има придобивка.
п.с. нема да чекаме да дојде зима за да си го протнете гласањето, НЕ ПРИФАЌАМЕ НАПЛАТА НА ПАРКИНГ ЗА МОТОРИ!
Благоја Мартиновски
Уредник на Мотори.ком.мк