Редовните посетители на порталов се сведоци на "војната" што се разгоре на форумот со поставувањето на прашањето околу обележјата на македонските МК мото клубови. Пораката која беше адресирана директно до засегнатите страни се чини дека ги заинтригира сите, па така за неколку денови темата со наслов "грбови" се рашири на 7-8 страни...

Бидејќи се измешаа баби и жаби, MC и MK, членови и нечленови, ќе се обидам да ги разјаснам работите. Најпрво би сакал на едноставен начин јасно да ја потенцирам разликата помеѓу MC и MK мото клуб.

MC мото клубовите функционираат како војска. Имаат строго определени правила според кои функционираат, и имаат структура според која членовите се вреднуваат. За да станете член на MC клуб е потребно многу повеќе од мотор и желба за членство. Членството во МС клуб сноси и одговорност. Кога јавно говори член на MC мото клуб, тој го изнесува ставот на целиот клуб, од друга страна па кога се закачате со член на MC клуб, се закачате со целиот клуб. Едноставно кажано МС клуб е на некој начин братство, во кое секој постојано работи за неговото подобрување. Во МС клуб не може да членуваат девојки. Боите на секој МС клуб се светост за членовите. Затоа и е толку тешко да се стаса до честа да се носи грб. За новајлија во МС клуб да добие право да носи грб на својот елек треба да поминат неколку години, период во кој пред членството треба да ја покаже и докаже лојалноста кон клубот и да ја заслужи довербата на останатите. Грбовите на МС клубовите се составени од три дела. Горен и долен натпис и амблем во средината. Сите три дела се визуелно одвоени еден од друг.

sonsofanarchy_021

МК мото клубовите се многу по релаксирани во однос на структурата. Кај нив нема строго определени правила како кај МС клубовите. Во МК клубовите еднакво членуваат мажи и жени, а чести се и само женски МК клубови. МК клубовите често пати се базираат на одреден вид на мотори, или настани. Таков пример се туринг клубови, тркачки (спортски) клубови, стант клубови, атв.... За да се стане член на МК клуб најчесто е доволно да ги познавате членовите, да потполните пријава и да платите членарина. Членовите немаат секојдневни обврски кон клубот, едноставно, членуваат во клубот за да ја споделат пасијата која ја имаат со своите истомисленици. Друга битна разлика е што МК клубовите се членови на државните мото федерации или сојузи. Активно учествуваат во настаните кои ги организираат овие структури и генерално се отворени кон јавноста. Грбовите на МК мото клубовите се едноделни. Тоа значи дека грбот може да има дури и три дела (горен, долен натпис и амблем) но тие не треба да бидат одвоени. Под одвоени се подразбира визуелно да нема простор помеѓу натписот и амблемот, односно да лежат на една позадина

Patch6
Одговорноста на секој клуб е голема, пред се во очите на странците кои се повеќе не посетуваат. Она што за дел од нас е небитно, за нив значи многу, а бидејќи сите живееме на иста планета, логично би било да се потрудиме да ги следиме правилата.

Разликата во структурата и функционирањето на мото клубовите не значи дека едните или другите се правилни или погрешни. Нема појаки или послаби, нема добри и лоши. Има MC и MK мото клубови, два толку слични, а сепак различни светови. Одберете го вистинскиот за вас, бидете горди на изборот и достоинствено претставувајте го, со обележја карактеристични за вашиот тип на клуб.

Авторот е член на МК мото клуб.

Напомена: објаснувањата за МС и МК клубовите се дадени на ваков начин со цел неупатените полесно да ја разберат разликата помеѓу двата типа на клубови.

Back To Top